Можна ли е амнестија за државен удар


 Ерол Ризаов

Може ли да се случи никој од главните актери на „крвавиот четврток“ и организатори на насилието во Собранието на Македонија на 27 април лани да не биде казнет, поточно да нема судска разврска? Можно ли е обидот за државен удар да помине како ништо да не се случило. За жал, одговорот е да. За меѓупартиски пазарлак е понудена амнестија, да се закопа и срамот, и уривањето на уставниот поредок, и обидите за убиство на пратеници.

Цел свет беше сведок во живо на бездушното насилие со брутално претепување на пратеници. Го следевме во директен пренос дивеењето на хордата предводена од припадници на партиската полиција, го видовме јавашлакот на намерно незаштитениот парламент, ги видовме и чувме политичките лидери и активисти, јавни личности и агитатори за крвав расплет и попречување на конституирање на парламентот и владата. Ги видовме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ како ги отвараат собраниските врати и ги насочуваат насилниците. Откако сите, и организаторите, и тепачите, и тепаните го осудија насилството миејќи ги крвавите раце и глави и откако судската истрага ја презеде работата во свои раце, изгледа премногу ревносно се јави политиката во обид „време лечи сѐ“, целото ова злодело на газење по уставот, заканите по животот, попречувањето на изборната волја на граѓаните да се претвори во уште поголем срам и дефинитивен погреб на сите заложби да заживее правната држава и владеењето на правото.
Добра превентива и граѓанска должност е да се укаже на таквата опасност која и се заканува на Македонија, политиката да го задуши повторно целиот правосуден систем штотуку освестен од повеќегодишна кома. Прифаќање на амнестија од практични дневнополитички причини за да функционира парламентот ставајќи се во улога на црква која издава индулгенции за опрост на гревовите на мафијата и на силеџиите е нешто што не може да го прости повеќе ни црквата, ни џамијата, ни Господ. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за амнестија е само уште едно признавање на покровителството и прифаќање на одговорноста кој всушност стои зад настаните на 27 април. Големата нужда од општа амнестија на сите учесници во „крвавиот четврток“ е всушност затскривање на улогата на врвот на ВМРО-ДПМНЕ во газењето на уставот и окрвавувањето на рацете. Судскиот расплет може да дојде до такви сознанија.
Меѓутоа, она што навистина држи да се направи е добро да се анализира мерката притвор која во Македонија се изречува не секогаш во склад со законите. Долгите притвори на граѓани осомничени за кршење на законите со години наназад се многу сомнителни и често спротивни на правните, а уште повеќе на основните човекови права. Се измачуваат со месеци, а некогаш и со години граѓани во нечовечки услови, иако нивните престапи се уште не се докажани и се во категоријата основани сомневања, или кажано поинаку се невини бидејќи судска постапка не го докажала спротивното. Долгиот притвор е голема неправда. Ова го признаваат во неформални, но се погласно и во јавни настапи и јавни обвинители и судии, адвокати и сите што биле засегнати со несфатливо лесното посегнување по оваа тешка мерка, многу често злоупотребена, спротивно на интенцијата на законот изречена како тортура и притисок врз осомничените во повеќе продолженија, особено кога недостасуваат докази.
Тие што поминале низ тој пекол велат еден ден во Шутка е рамен на сто дена во Идризово, кој исто така
се смета меѓу најлошите затвори во Европа. Ова налага крајно совесен, правен и праведен пристап во постапките во врска одредување на должината на мерката притвор.
Осомничените што сега се во притвор во врска со настаните од 27 април и тие што допрва ќе се соочат со правдата не можат да бидат амнестирани со политички одлуки, но можат да се бранат од слобода ако
законот дава таква можност. Судската пресуда без оглед дали е ослободителна, или казна затвор при вакви
настани е единствената мерка што мора да биде измерена прецизно и непристрасно на кантарот на правдата. Тоа не смее да биде ни политичка пресметка ниту, пак, гледање низ прсти. Пресудите и образложенијата на судските одлуки за овој настан ќе бидат дел од современата историја на Македонија.
И уште нешто за честата употреба на аргументот дека тие што се во притвор не се терористи, алудирајќи
на законот под кој се осомничени. Да, верувам дека тие јавни личности, познати актери и уметници не се
терористи, поточно длабоко сум убеден во тоа, особено не со оглед на значењето на зборот што подразбираме денес под тероризам. Што би рекол еден од творците на дефектниот правосуден систем, Михајло Маневски, тоа не се бомби и експлозии, мртви и ранети во парламентот. Да, таков тероризам немаше со бомби, експлозии и „калашникови“, но имаше пар екселанс обид за уривање на уставниот поредок и обид за убиство на пратеници, попречување на конституирање на парламентот и на владата, неизвршување на должноста на полицијата во одбрана на парламентот и пратениците, отворање на вратите на собранието пред наелектризираната хорда и имаше со денови подбуцнувачки популистички говори за земање на правдата во свои раце. Тоа се работи што можеби не спаѓаат во класичните терористички акции, но според законите на Република Македонија се дел од подривањето на општествениот поредок, што исто така се смета за терористички акт.
При изречување на одлуките за ослободување од притвор на јавните личности да се бранат од слобода,
за што најискрено се залагам, иако ја прифаќаат заштитата од ВМРО-ДПМНЕ како партиски активисти,
од тие што им ја доделија таа срамна улога, би сакал на сите одделно да им подарам по еден примерок од
книгата „Живот во кутија“ од колегата Томислав Кежаровски. Мислам дека ќе можат да напишат добри рецензии.