Колку „тежат“ Ѓукановиќ и фамилијата?


Белградски „Блиц“ во својот денешен текст наведува дека, поради „бомбите“ што ги објавува Душко Кнежевиќ, кој е поранешен долгогодишен пријател и бизнис-партнер на Мило Ѓукановиќ, сега повторно во фокусот се најде имотот на претседателот на Црна Гора.

Белградскиот весник наведува дека сегашниот претседател на Црна Гора во политиката влегол во време кога со родителите живеел во изнајмен стан во близина на автобуската станица во Подгорица и дека денес проценките на неговото богатство варираат од десетина милиони долари, стотина, па и до една милијарда евра.

Весникот наведува дека првиот човек на „Атлас груп“, Душко Кнежевиќ, во серијата обвиненијата што ги изрече на сметка на Ѓукановиќ, вели дека претседателот на Црна Гора има богатство од една милијарда евра, и дека во заднината на конфликтот меѓу нив двајца, всушност, е влијание врз инвеститорите.

Овој весник наведува дека во деведесеттите години со Ѓукановиќ се поврзуваат приказни за шверц на цигари, како почетен извор на капитал, но за тоа сѐ уште не постои пресуда бидејќи, како што вели весникот, со „путиновски рокади“ успеал да си обезбеди дипломатски имунитет.

Се тврди дека Ѓукановиќ е сопственик на компанијата „Капитал инвест“, која била отворена „за време на неговата кратка пауза од политичката сцена“ и дека преку неа во периодот 2007-2013 година ги држел акциите на Прва банка, која била во сопственост на неговиот брат Ацо, и на тој начин, преку подигање кредит од милион и пол евра, ги купил акциите, за кои весникот вели дека се спорни.

„Блиц“ вели дека Ѓукановиќ е сопственик на фирмата „Глобал Монтенегро“, а неодамна беше откриено и дека во 2006 година ја основал офшор-компанијата „Вагор инвестед лимитед“ на Кипар.

Се тврди дека Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ) го проценува богатство на Мило Ѓукановиќ на „само 14,7 милиони евра”, а на неговиот брат Ацо на 167 милиони долари.

„Блиц“ дава податоци и за имотот Блажо, синот на Мило Ѓукановиќ, за кого вели дека „практично сите недвижности… му се ставени под хипотека во банка“, како и за сестрата на црногорскиот претседател, Ана Коларевиќ, за која се вели дека е „интересно што нејзиното име се споменува во „Рајските документи“, како и за нејзиниот син Един Коларевиќ кој е извршен директор на компанијата „ДП хотел фасилити“.