Колективниот договор на вработените во културата пред финализирање


Министерството за култура информира дека нацрт колективниот договор за вработените во културата е подготвен, во консултации со претставници на синдикатите и на установите во културата, и целиот процес се очекува да се финализира до крајот на годината.

Нацрт – колективниот договор за култура, како што најавуваат од министерството, целосно ќе го преуреди начинот на утврдување на платите на вработените во установите, а траба да реши и други отворени прашања поврзани со правата на вработените, имајќи предвид дека претходниот колективен договор е истечен во 2008 година.

Договорот, меѓу другото, ќе го регулира и надоместокот на трошоци за превоз, за надомест за теренска работа надвор од установата, како и за надоместоци за дополнителни работи што произлегуваат од матичноста на установата. Договорот содржи и нови одредби за работно време, одмори и отсуства, одредби за безбедност и здравје при работата, како и одредби за платено отсуство при изработка на магистерска работа, докторска дисертација, уметничко доусовршување и учество на конгреси, семинари и конференции.

Од министерството најавуваат дека Нацрт – колективниот договор набрзо ќе биде ставен на разгледување од страна на синдикатите и институциите.

Воедно, во следниот период, ќе се направи и детален преглед и ревизија на постоечките работни места во сите установи од културата и, ако има потреба, ќе бидат соодветно изменети работните места за културата, кои се евидентирани во Каталогот на работни места на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

Министерството за култура очекува да се започне со практична реализација во 2019 година во повеќе фази, во зависност од финансиските и правните можности. За потпишување и примена на овој колективен договор, се вели во соопштението од Министерството за култура, потребно е да се подготват и соодветни измени во законите за јавниот сектор и да се донесе нов Закон за културата, што треба да биде паралелен процес.