Кои ќе бидат последиците од Брегзитот за англискиот фудбал и Премиер лигата?


Англиската Премиер лига секако е најатрактивното национално првенство на светот, но многумина во последните години се сомневаа во вистинскиот квалитет на клубовите од елитниот ранг во Англија.

Оваа сезона премиерлигашите ја покажуваат својата вистинска сила и конечно успеаја да ги „пополнат“ местата во самата завршница од европските натпреварувања. Имено, во четвртфиналето од Лигата на шампионите има дури четири клубови од Премиер лигата – Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Ливерпул и Тотенхем.

Сепак, Брегзитот сериозно се заканува да ја загрози позицијата на англиската Премиер лига како најатрактивно и најбогато натпреварување во Европа и светот.

Се уште не се договорени условите под кои Обединетото Кралство ќе ја напушти Европската Унија, што доведе до чувство на несигурност во сите сфери во бизнисот во Британија, па така и во фудбалскиот.

Премиер лигата не е ништо поинаква од останатите национални, а голем дел од својот успех и атрактивност им должи на големиот број играчи, тренери и сопственици на клубовите од сите страни на светот.

Што би значел Брегзитот за Премиер лигата?

Слабеење на фунтата

Вредноста на британската фунта драстично опадна од објавувањето на резултатите од референдумот за излегување на Обединетото Кралство од ЕУ во 2016 година, така што обештетувањето кое премиерлигашките клубови го плаќаат на европските конкуренти станаа значително поскапи.

Така и тренерот на Тотенхем Маурицио Сари се осврна на слабата фунта како причина зошто неговиот клуб не успеа да обезбеди ниту едно засилување за борбата за титулата, па го спореди влијанието на Брегзитот со сообраќајна несреќа.

Финансиските експерти го означија слабеењето на фунтата како значаен фактор во фактот дека Јунајтед бил приморан да го предаде тронот и да заостане зад Реал Мадрид и Барселона во „фудбалската лига на богатите“.

Ограничување за странски таленти

Некогашниот извршен директор на Премиер лигата Ричард Скадамор своевремено беше гласен заговорник за останување на Обединетото Кралство во ЕУ, а тогаш можноста за напуштање на заедницата на европски држави ја опиша како директен удар на отвореноста на Премиер лигата.

Глобалната популарност на Премиер лигата зависи од регрутирањето на најдобрите играчи, без оглед од каде тие доаѓаат, а крајот на „слободното движење на европските играчи“ драстично ќе ја отежни таа задача.

Моменталниот правилник за играчите кои доаѓаат од земјите надвор од ЕУ во Велика Британија зема предвид бројот на настапи за репрезентацијата, висината на трансфер обештетувањето, предложените примања и поновата историја на настапи. Сето тоа се критериуми на основа на кои британските власти и ФА даваат дозволи за престој и работа на играчите кои доаѓаат од земјите надвор од ЕУ.

Доколку истите правила се воведат за сите играчи (без оглед на тоа дали се од ЕУ или не), што Брегзит најверојатно ќе го донесе со себе, клубовите би наишле на големи проблеми. Големите трансфери, трансферите на етаблираните ѕвезди и понатаму ќе се случуваат, но британските клубови веројатно би останале без шанса да пронаоѓање на „скриени дијаманти“ во понискиот спектар на трансфер пазарот.

Нголо Канте од Челзи и Ријад Марез од Манчестер Сити во Премиер лигата пристигнаа од релативна анонимност во Франција, за набрзо потоа да го кренат трофејот во Премиер лигата со Лестер. Двајцата споменати играчи веројатно не би добиле работни дозволи во сценариото кое со себе го носи Брегзит.

Би-би-си во 2016. година пресмета дека 332 фудбалери од првите два ранга на англискиот фудбал и шкотската Премиер лига не би ги исполниле стандардите за работна дозвола како оние кои се потребни за играчите надвор од ЕУ. Поточно, ако истите правила се применуваат на сите играчи.

Клубовите од Премиер лигата многу веројатно би ја загубиле и шансата да доведуваат играчи од Европа пред полнолетството, освен во случајот Обединетото Кралство да остане дел од Европскиот економски простор, за што шансите се мали.

Економски удар

И покрај богатите договори за ТВ правата ширум светот, успехот на Премиер лигата е тесно поврзан со успешноста на британската економија.

Веќе се појавија стравови дека Премиер лигата го достигна својот зенит на вредноста кога домашниот пакет за ТВ преноси е во прашање, па истата може само да се намалува. Во прилог на тоа оди и фактот дека ТВ операторите плаќаат помалку за пренос на Премиер лигата за периодот од 2019 до 2022 година отколку што беше случајот во претходните три години.

Тешко е да се предвиди економската ситуација во Велика Британија во иднина, но во случај на удар на џебовите на навивачите, клубовите од Премиер лигата ќе почувствуваат губитоци клога станува збор за продажбата на билети и брендирана стока.

Поттик за играчи од „домашно производство

Позитивната страна на Брегзитот (кога станува збор за фудбалот) би можела да го почувствува англиската репрезентацијата со оглед на тоа дека рестрикциите за странските играчи ќе значи и поголеми шанси за младите домашни играчи во Премиер лигата. Моментално, отприлика третина од ѕвездите во Премиер лигата сочинуваат играчи кои имаат право на настап за „Гордиот Албион“.

Меѓутоа, челниците на Премиер лигата аргументираат дека рестрикциите за странците во Премиер лигата не би помогнале за развојот на играчи за националниот тим бидејќи би се нарушиле нивото и квалитетот на фудбалот во кој се натпреваруваат младите англиски фудбалери.