Кога „јазикот“ е побрз од разумот


Александра М. Митевска

Третиот вторник од почетокот на оваа 2019 година ќе остане запаметен како датум кога во Македонија, по долго време, конечно се најде политичка тема која го потисна во втор план договорот за името на државата. Дури и опозицијата, која сето ова време остро ги критикуваше Преспанскиот договор и уставните амандмани што произлегоа од него, наеднаш го врати фокусот кон Законот за употреба на јазиците, речиси анулирајќи го фактот дека истата вечер, во истиот број на „Службен весник“ беше објавен и Законот за ратификација на спогодбата со Грција.

Во изминатите месеци, двата закони имаа иста „судбина“ – и покрај две изгласувања во парламентот, со респектабилно мнозинство, не добија потпис од претседателот на државата. Иако категоријата „апсолутно вето“ е апсолутно непозната во македонската уставна материја, Ѓорге Иванов си измисли свои правила – прво за да го опструира законот што произлезе од преткоалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ, а потоа да го спречи и стапувањето во сила на ратификацијата на договорот со кој се надминува долгогодишниот спор со Грција. Сепак, тоа што двете регулативи наидоа на сличен „прием“ во претседателската резиденција, не значи дека и двете имаат иста важност за државата.

Посебно значење за земјата и за нејзиното евроатлантско интегрирање има единствено договорот од Преспа. Законот за употреба на јазиците, пак, со кој се засилува двојазичноста е важен за опстојување на владејачката коалиција и за задоволување на барањата на партиите од албанскиот политички камп, посебно на ДУИ. Тој закон може да биде во функција на зајакнување на мултиетничкото општество или на целосната имплементација на Рамковниот договор, ама далеку од тоа дека има стратегиската тежина каква што има договорот за името.

Можеби поради тоа, како и поради свесноста дека, сепак, не е до крај испочитувана процедурата, во редовите на СДСМ изостана поголем триумфализам поради објавувањето на двете регулативи. Затоа, пак, во таборот на ДУИ беше дочекана со „зурли и тапани“ веста за прогласувањето на указот за стапување на сила на Законот за употреба на јазиците. Од тој аспект, и „дозволата“ за негово објавување во „Службен весник“ може да се толкува како гест со кој ДУИ, можеби, би се почувствувала помотивирана да излезе на предвремени парламентарни избори, наспроти моменталните инсистирања на партијата да им се даде предност на реформите.

Всушност, објавувањето на Законот за јазици не е така мала работа, ако се има предвид дека истиот тој закон, уште додека беше во најава, претседателот Ѓорге Иванов го искористи како аргумент за узурпација на мандатот за формирање на новата влада по изборите во 2016 година и за внесување нов заплет во приказната за т.н. тиранска платформа. ВМРО-ДПМНЕ, пак, го искористи овој закон како теза за подгревање нови меѓуетнички несогласувања и за напади кон СДСМ и ДУИ за непринципиелни пазарање. А, вистината е дека станува збор за речиси истата регулатива што своевремено Али Ахмети ја договараше со Никола Груевски, ама не стигнаа да ја донесат поради честите излети со предвремени избори.

Многумина можеби сè уште се сеќаваат на случувањата во собраниската сала кога поранешниот премиер Никола Груевски излета од судница за во парламентот да се бори против донесувањето на Законот за јазиците, така што му го одзеде микрофонот на спикерот Талат Џафери и истури врз него чаша со вода. Секвенците од таа „претстава“ во законодавниот дом ја докажуваат всушност апсурдноста на сите процедурално-политички игранки што беа приредени во изминатите месеци во однос на донесувањето и прогласувањето – пред сè на Законот за употреба на јазиците, со оглед на тоа што ратификуваниот Преспански договор беше објавен веднаш по изгласувањето на уставните амандмани што произлегоа од него.

Нема дилеми дека со прогласувањето на законите за јазиците и за договорот од Преспа – со фуснота, наместо со потпис на шефот на државата, не е испочитувана вообичаената процедурата. Тука може да се зборува и за законски прекршувања и за прекршување на Уставот, но и за „деликти“ од политичка природа, кои пред сè наметнуваат прашање „кој прв почна“. Претседателот на парламентот немаше да се најде во ситуација на ваков начин да ги испраќа на објавување двата закона, доколку не беше поттикнат за тоа од шефот на државата, кој си зеде за право со месеци да ги чува во фиоки регулативите што во два наврата ги донесе парламентот. Таква можност не е запишана никаде во Уставот, како што и никаде не пишува дали закон може да стапи во сила без указ потпишан од шефот на државата. Од тој аспект, вистинското прашање не е кој го прекрши Уставот, туку кој прв од државниот врв го направи тоа принудувајќи го другиот на друг прекршок.

Затоа и сегашните најави на опозицијата за покренување иницијатива до Уставниот суд за оценка на Закон за јазици се во најмала рака задоцнети. Доколку Иванов, независно од своите ставови и размислувања, постапеше навреме онака како што му налага Уставот и го потпишеше овој Закон веднаш откако тој по вторпат помина во парламентот, оценката на Уставниот суд ќе беше досега одамна завршена работа. И, сега немаше да се отвораат темите за кривична или за политичка одговорност на највисоките носители на државни функции.

Впрочем, објавувањето на Законот за јазици и онака е колатерална последица на неопходноста од стапување на сила на Законот за ратификација на договорот од Преспа. Затоа што по сè што беше направено на домашната политичка сцена за спроведување на овој договор и со оглед на очекуваните придобивки од него во делот на евроатлантските интеграции, јасно е дека ќе беше многу неодговорно да се дозволи тој и натаму да фаќа прашина во некоја фиока во претседателската резиденција.