Кнајсл: Тешко е да се убедат Хаг и Париз за проширување на ЕУ


Австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл денеска посочи дека, и покрај заморот од проширување присутен во Франција и Холандија, Југоисточна Европа не треба да биде оставена настрана во вакуумот.

Кнајсл, на прес-конференција на која ја сумираше надворешната политика на Австрија минатата година, изрази задоволство што во текот на австриското претседавање со ЕУ беа отворени нови поглавја во преговорите за пристапување на Србија и Црна Гора во Унијата.

Меѓутоа, таа истакна дека не е лесно да се добие поддршка во Хаг и Париз за европската перспектива на земјите од Југоисточна Европа, како што се Србија или Албанија.

– Заморот кој е присутен веќе е познат. Лично почувствував во разговорите, што ги водев од пролетта дека за моите партнери од западноевропските држави, изборите за Европскиот парламент се многу важни. Нам тој регион географски и историски ни е поблизок, што не е случај со Холандија или Франција, изјави Кнајсл.

Таа истакна дека е многу е тешко да се убедат Холанѓаните и Французите дека Југоисточна Европа е дел од Европа.

– Јас никогаш не зборувам за „земји од Западен Балкан“, бидејќи не ми се допаѓа тој термин, кој е вештачки поим. Покрај тоа, Балканот се сфаќа негативно, освен ако не станува збор за храна. Терминот политички има негативна конотација. Доследно говорам за Југоисточна Европа и за мене Музејот за современа уметност во Белград, е дел од Европа, за мене Филхармонијата во Сараево е дел од Европа. Се чувствувам можеби поповрзана, врз основа на географската локација, на тој регион отколку некој, на пример, во Белфаст, нагласи Кнајсл.

Таа додаде дека нејзиното „европско политичко срце“ јасно кажува дека Југоисточна Европа не може да се остави настрана во вакуум, но, во исто време, разбира дека во Холандија или Франција постојат различни видувања.

Кнајсел апелираше до колегите од Франција и Холандија да се потсетат на минатото.

– Вие сте оние кои геополитички секогаш размислувавте во поголеми категории. Да потсетам на Митеран во 80-тите години на минатиот век. Никој тогаш не ги сакаше земјите од Медитеранот, кои непосредно излегоа од воени диктатури. Французите беа тие кои ги воведоа во ЕУ, тие беа оние кои се трудеа околу Романија. Неопходно е секогаш да се примени практиката што веќе постои, порача Кнајсл.

Таа нагласи дека Европа треба да се сфати како културен простор и врз основа на тоа да се дејствува.