Клоп: Имаме шанса да се квалификуваме за финалето


 Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, денеска изјави дека имаат шанса да се пласираат во финалето во Лигата на шампиони.
– Очигледно луѓето очекуваа ривали да бидат Манчестер Сити и Барселона, но тоа не е случај. Заедно со тимот на Рома, покажавме дека е можно да се дојде тука. Кога ми кажаа дека Римјаните ги победија Шпанците со 3:0, во почетокот не ми се веруваше. Но, и ние направивме слично нешто и сега имаме шанса да се квалификуваме за финалето. Само тоа ме интересира, изјави тренерот на Ливерпул.
Клоп смета дека иако аутсајдери, двата тиме продолжиле да веруваат и да се борат, и затоа се меѓу најдобрите четири тимови во Европа.
– Моето мислење за Рома генерално не се промени по мечот со Барса. Во принцип, не бев изненаден што направија пресврт. Гледам многу италијански фудбал, го знам Един Џеко и многу го сакам како фудбалер. Дури и во нивниот последен натпревар во лигата, Италијанците направија 7-8 промени во својот состав и повторно забележаа победа. Тие имаат искусни играчи, многу силни фудбалери воопшто, смета Клоп.
Во однос на Мохамед Салах, кој беше избран за Играч на годината во Англија и утревечер ќе се соочи со својот поранешен тим на Рома, Германецот вели дека тоа е сосема нормално нешто кое се случува често во фудбалот.
– Тоа е нормално нешто. Јас пример се соочив против Борусија Дортмунд пред две години. Ова за него ќе биде и нормален, и посебен натпревар. Сепак во Рома, тој се претвори во играчот, кој е сега со нас. Тој е професионалец. Сепак, познато е дека италијанските дефанзивци не се многу пријателски настроени на теренот. Очекувам многу брзо да го почувствува тоа и да сфати дека фудбалерите на Рома повеќе не се негови соиграчи, додаде Јирген Клоп.