Кина од Франција нарача 184 авиони „ербас А320“


Кина порача 184 авиони „ербас А320“, кои треба да бидат испорачани во периодот 2019-2020 година, соопшти денеска Елисејската палата, во последниот ден од посетата на претседателот на Франција, Емануел Макрон на Кина.

Таа ненајавена порачка за 13 кинески авиокомпании се однесува на авиони во верзијата „нео“. Вкупната цена на авионите не е наведена, но се претпоставува дека е околу 18 милијарди долари.

– Тоа наскоро ќе биде прецизирано, и тоа ми го потврди кинескиот претседател Си Џинпинг – изјави Макрон за новинари во Пекинг.

„Ербас“ вчера со Пекинг потпиша меморандум за разбирање за да се зголеми производството на авиони А320 во Кина.

Кина е втор купувач на авиони во светот и за нејзини порачки се борат Ербас и Боинг. Американски Боинг проценува дека на Кина ќе и бидат потребни 7.240 комерцијални авиони во следните 20 години.