Кил победи во Скопје, но Вардар оди на фајналфор во Келн


Македонскиот првак Вардар втора година по ред ќе игра на завршниот турнир во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ денеска во реванш четвртфиналето загубија од Кил со 28:27, но благодарение на победата на гостински терен со 29:28 и повеќе постигнати голови на гости обезбедија Ф4 во елитното натпреварување во кое го бранат трофејот.

Гостите најавија тежок натпревар за Вардар со водството од 3:0, но нашите ракометари го „свртија“ резултатот во своја корист и поведоа со 8-5 во 12.минута. До крајот на полувремето Кил стигна до изедначување 13:13. Вардар повторно водеше со три разлика (20:17) во 40.минута, плус три имаше и во 45.минута. Во последните десетина минути германскиот тим фати приклучок и го одведе мечот во драматичен финиш и пирова победа.

Вардарци бодрени од преку шест илјади гледачи во преполниот СЦ „Јане Сандански“ го одиграа последниот натпревар во Лигата на шампионите во овој состав.

Покрај Вардар досега пласман на Ф4 во Келн обезбедија уште и ПСЖ и Нант за кој настапува македонскиот репрезентативец Кирил Лазаров.

Завршниот турнир во ЛШ ќе се игра на 25 и 26 мај.

ВАРДАР – КИЛ 27:28 (13:13)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 6000.

ВАРДАР: Штербик (14  одб., 1 сед.), Милиќ, Стоилов, Кристопанс 4/5, Мораеш 3/4, Македа 1/2, Карачиќ, Абутовиќ, Канељас 2/3, Циндриќ 5/11, Чупиќ 1/3, Дибиров 3/5, Шишкарев 2/3, Борозан 6/8, Војводиќ, Марсениќ.

КИЛ: Ландин (8 одб.), Волф (2 сед.), Дувњак 1/3, Фирнхабер, Дисингер, Винчек 5/6, Екберг 5/7, Френд-Офорс 2/3, Рамел 1/3, Зарабец 5/7, Вујин 3/6, Билик 3/7, Нилсон 3/4, Сантос