Кетлин Тарнер прозборе: Не сакав да им бидам трофеј на Бити, Николсон и Даглас


САД– Славната актерка Кетлин Тарнер вели дека Мајкл Даглас, Џек Николсон и Ворен Бити некогаш се натпреварувале да ја освојат нејзината наклонетост – и дека ниту еден од нив не успеал во тоа.

Во интервју за магазинот „Валчр“, 64-годишната Тарнер која со години се бори со автоимуна болест заради која се здебели, се присетува:

„Сигурно се сеќавате дека мојата прва голема улога беше во „Телесна топлина“ и потоа станав сексуална цел. Подоцна дознав од Мајкл Даглас дека имало натпревар меѓу него, Џек Николсон и Ворен Бити за тоа кој ќе ме освои прв. Патем, никој од нив не успеа во тоа.“

Тарнер, која има освоено два „златни глобуса“, се прослави во 1980-тите со филмовите „Човекот со два мозоци” и „Смарагдот од Нил”.

Тарнер рече дека се задушувала од вниманието на Даглас (73), Николсон (81) и Бити (81).

„Не ми се допаѓа кога ме гледаат како трофеј.Да ви кажам, кога Џек и јас го снимавме „Честа на Прици“, дел од нас отидовме во неговиот стан на Малхоланд. Џек ми рече, знаејќи го интересот на Ворен за мене: „Зошто не му се јавиш на Ворен и не му кажеш дека немам отворач за вино.“ „Зошто?” „Ќе видиш колку брзо ќе дојде тука.” Имаше премолчена претпоставка дека жените се сопственост која треба да се освои, вели актерката.

„Во друга прилика, бев на една вечера и имаше празен стол до Џек. Седнав до него и одлично си поминав. По некое време, затоа што имав снимање следниот ден,  реков дека морав да заминам и возев назад кон „Шато Мармон“. Доаѓам и телефонот веќе ѕвонеше. Џек беше на линија и рече: „Како можеше да ми го сториш тоа?“ –  „Што направив?“ – „Ти беше моја придружба и си отиде!“  Му реков: „Јас бев твоја придружба? Никој не ме информираше за тоа.”

Поради ваквите претпоставки никогаш не сакав да живеам во Лос Анџелес. Секојпат кога одам во тој град се чувствувам несигурно“, открива Тарнер.

Кетлин не е единствената позната актерка што се отвори во врска со одбраната од интересот на Бити. Минатиот месец, Розен Аркет изјави на емисијата „Гледај што се случува“ дека таа го одбила Бити во 80-тите години. „Тој е многу згоден, убав, но тоа едноставно не ми делуваше дека е за мене“, коментираше Аркет.„”Но, тоа беше многу, многу одамна.“

На друго место во интервјуто, Тарнер зборуваше дека се чувствувала изолирано од  актерите на „Пријатели“ кога ја играше улогата на таткото на Чендлер, транвестит.

„Јас не се чувствував многу добредојдена од актерите“, рече таа.” Актерите на „Пријатели“ беа таква клика, но мислам дека моето искуство со нив не беше единствено. Мислам дека тоа беше зашто тие беа толку мала, тесна група и никој однадвор не им беше важен“.