Кашлицата е знак на скриени болести


Ова е време од годината кога многу луѓе кашлаат или поткашлуваат. Ако нема други симптоми на болеста, кашлицата обично поминува сама од себе за неколку дена. Но приближно во 20 отсто од случаите преминуваат во хронична кашлица.
Доколку кашлате повеќе од еден месец, појдете на лекар. Вашиот организам можеби ви сигнализира дека станува збор за нешто посериозно, кога треба да се открие и правилно да се лекува.

Постојаната кашлица, која се јавува без некоја јасна причина, пулмолозите ја нарекуваат мистериозна кашлица или хронична и идеопатска кашлица. Кај околу 40 отсто од кашлиците не може да се најде вистинскиот предизвикувач.

Во принцип, секоја кашлање е начин за чистење на респираторниот систем од насобрани токсини, нечистотија и лиги. Вишокот што останува предизвикува рефлекс на кашлање.
Самата кашлица не е болест, туку симптом што укажува на некој друг проблем.

Најчести видови кашлица се:
Кашлање од душникот – се јавува таканаречено свирење на дробовите. Го следат изразено силни болки зад градната коска. Се јавува кај воспаление на душникот. Во почеток кашлицата е сува, додека траат болките, а понатаму следува искашлување густ секрет.
Кашлање кај бронхитис – оваа кашлица на почеток е сува. Потоа може да се искашлува проѕирен секрет, што е обично карактеристично за вирусна инфекција, или жолто до зеленикав секрет, што е знак дека настапила бактериска инфекција. Кај хроничен бронхитис, најчесто кај пушачите, обично има и карактеристичен напад на кашлица во утрински часови.
Кашлање кај астма – се јавува кај опструктивни заболувања на белите дробови, како што е астма. Поттикнато е од длабоко вдишување, вдишување на студен воздух и/или смеење. По нападот на кашлање, обично се чувствува свирење во белите дробови и тешко дишење.
Кашлање со траги од крв – појава на крв во искашлувањето е сериозен знак. Во таков случај нападите на кашлање се силни, а заболениот често ја губи свеста. Меѓутоа, трагите од крв во искашлувањето можат да се јават и кај секој силно и долготрајно кашлање поради повредување на слузницата во дишниот систем. Точната причина треба да ја утврди лекар.
Кашлање кај луѓе со срцеви заболувања – кашлање кое се засилува при напор или во исправена положба обично е знак за застој во белите дробови. Се искашлува пенлив и воден секрет.

Според начинот на кашлање, кашлиците се делат на:

Хронична кашлица со скокоткање во грлото – симптомот е чувство како на сливање секрет низ грлото или чувство на „кнедла во грлото“. Вообичаено, нашиот организам „произведува“ и до 2 литри секрет дневно од жлездите што ги поврзуваат носот и синусите. Овој секрет обично незабележително се слева низ грлото. Меѓутоа, кога секретот ќе стане густ или, пак, ќе се намали (кога станува збор за алергиски реакции или во текот на настинка или грип), неговото сливање низ грлото станува поттикнувач на рефлексот за кашлање.
Болно и испрекинато кашлање – симптомот е постојана кашлица која е особено зголемена наутро. Можни се и болки во градната коска или во грлото, отежнато дишење и затнат нос. Оваа кашлица главно се појавува поради некоја респираторна инфекција. Препорака за лекување е одмор и многу течности, за да созрее секретот за искашлување. Потребно е време за да може лепливиот секрет да омекне, а потоа да се исфрли.
Сува кашлица со отежнато дишење – симптомите се често кашлање во текот на ноќта или наутро, веднаш по станувањето од спиење. Еден од виновниците може да биде астмата. Околу 10% од астматичарите и не знаат дека боледуваат од оваа болест. Кога лицето со астма ќе дојде во контакт со нешто што ги иритира органите за дишење, мускулите во нив се стегаат, а иритираната слузокожа отекува, па доаѓа до отежнато дишење. Кашлицата може да биде поттикната од настинка или од смеење, како и од контакт со одредена храна или полен. Лекувањето се состои во преглед кај лекар, инхалации за да се олесни дишењето.
Кашлица предизвикана од желудочен рефлекс – причина за појава на оваа кашлица е
желудечната киселина која се враќа кон грлото. Слузокожата на хранопроводникот е чувствителна, па враќањето на желудечната киселина доведува до воспаление кое ја предизвикува кашлицата. Се даваат лекови за неутрализација на желудечната киселина. Треба да се одбегнува одење во кревет веднаш по јадење и да се исфрлат доцните оброци.