Кацарска: Цврсто сум убедена дека секоја пресуда што сум ја донела била исправна


Судијката Добрила Кацарска, која го водеше судскиот процес за случувањата во Собранието на 27 април 2017 година и пресуди вкупно 211 години затвор за 16 обвинети, вели дека не само за оваа, туку за секоја пресуда што ја донела е уверена дека била исправна.

Кацарска,  на гостување во емисијата „Правда и неправда“ на 1ТВ, нагласи дека не само за оваа пресуда, туку и за секоја една пресуда што ја донела е цврсто убедена дека донела исправна пресуда.

– Немав ни трошка сомнеж дека обвинетите се виновни токму за она дело за кое што се обвинуваа. Но, бидете сигурни дека не е лесно да се изрече казна затвор без оглед колкава е висината на казната, изјави Кацарска.

Посочи дека за секоја една пресуда што ја изрекува секогаш се води исклучиво од доказите што се наоѓаат во предметот.

– Пред да ја донесам одлуката секогаш ги анализирам сите докази. И тука би нагласила дека додека не се изведе и последниот доказ никој не може да знае каква ќе биде пресудата. Во поглед на тие коментари дека казните се драконски, јас би рекла дека многу лесно се дава таква изјава дека казните се драконски од аспект што за да кажете дали некоја казна е законска или не, треба пред себе да го имате целиот предмет со сите докази, да извршите целосна анализа на доказите па дури потоа можете да кажете дека казните се драконски или се многу ниски. Притоа треба да се цени и фактот дека најмалата казна е десет години, изјави Кацарска.

Во однос на Законот за амнестија, Кацарска вели дека со тој закон правдата не е до крај исполнета.

-Апсолутно се согласувам дека со донесувањето на Законот за амнестија, правдата е селективна и не е задоволена. Сепак, не можам да го прифатам тој термин како организатори затоа што има друг предмет што треба да се работи, ќе видиме што се случувало, дали има дејствија кај овие што се сега осомничени. Тој закон е избрзан. Се донесе во фаза кога ја завршивме доказната постапка. Можеби требаше да се причека да се донесе пресуда, па потоа да бидат некои од нив амнестирани, но сепак тоа е закон што го донесе Собранието и јас како судија сум должна да го почитувам, истакна Кацарска.