Кафеанџиите ќе добијат „црвена линија“


Во пресрет на сезоната на летни тераси, која официјално почна на 1 април, Град Скопје информира дека нема да толерира недисциплинирани кафанџии. Стрикно ќе се знае која тераса до каде ќе може да се распостели. Просторот наменет за маси, столови и другата урбана опрема ќе биде обележан со боја, а обележувањето ќе го извршат градските инспектори.

Ова е предвидено со одлуката на Град Скопје за измена и дополнување на стандарди за поставување на времени објекти и урбана опрема која беше усвоена вчера на седница на Советот на Град Скопје. Целта е единствена, да се стави крај на хаосот со узурпацијата на пешачките патеки од страна на кафанџиите. Откако кафанџиите ќе добијат одобрение од Град Скопје за поставување на летни тераси, инспектори од Градот ќе им ги обележи терасите и на тој начин многу лесно ќе може да се контролираат дали се узурпираат јавните површини.

„Градот подготвува нов правилник и за зимските тераси. Со измените за летни тераси угостителите ќе се адаптираат на новите услови на поставување урбана опрема. Со ова ќе ги вратиме јавните површини на граѓаните и ќе ставиме крај на поставување маси и столици кој каде стигне, притоа узурпирајќи цели пешачки патеки. Одлуката стапува на сила по денешното гласање, што значи дека угостителите за кои ќе добијат одобрение за оваа летна сезона ќе мора да ги почитуваат измените”, рече градоначалникот Петре Шилегов.

Усвоените измени на Одлуката предвидуваат на јавните површини со летни тераси да има слободна проодна површина од 2,5 метри, почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки. На оние тротоари каде има дрва, столбови или друга опрема, проодниот, слободен простор за пешаци нема да смее да биде помал од 1,2 метри. Со измените се предвидува угостителите во рамките на дозволената тераса да можат да постават и монтажна платформа со висина од 15 сантиметри, а настрешниците да бидат прицврстени со две греди кои треба исто така да се наоѓаат во рамките на обележаната површина за тераси.

Неодамна, и од Општина Центар најавија дека ќе направат се за ред и поредок со летните тераси. По неодамнешен направен увид на терен, при што биле утврдени низа неправилности со најлон зимските тераси, градоначалникот Саша Богдановиќ најави дека нема да издаде дозволи за летни тераси, во случај нивните сопственици да не ги корегирале неправилностите од изминатата сезона. Општина Центар увидот на терен го правеше заедно со Пазарна инспекција и Министерството за животна средина и инспектор за животна средина. (Д.Т.Д.)