Карпошaни ќе купуваат со попуст со „Мој Карпош-Моја картичка“


Општина Карпош, обезбеди посебна картичка за своите жители, преку проектот „Мој Карпош – Моја Картичка“, со која тие добиваат многу попусти во повеќе од 250 фирми и компании кои работат на територијата на локалната самоуправа: ресторани, кафулиња, спортски објекти, ординации, книжарници, но, и кај производители на ИТ опрема, дизајн студија, сервиси и многу други.
За картичката „Моја Карпош-моја картичка“ можат да аплицираат сите жители на Карпош кои имаат повеќе од 13 години, и тоа или директно во Општината, или преку веб платформата www.mojkarpos.mk.
Општината, во изминатиот период, беше „медијатор“ меѓу бизнисот и граѓаните и преку паролата „Добро за бизнисот, повеќе за граѓаните“ со која се обиде да ги спои нивните интереси и со тоа да го поттикне развојот на локалниот бизнис, а на граѓаните да им обезбеди полесен пристап и поевтини услуги од локалните компании.
Идејата за вакви картички доаѓа од  повеќе метрополи ширум светот, како Амстердам каде се користат бенефицирани картички, а во Македонија, за прв пат тоа го прави Општина Карпош.
На денешната промоција на картичката, освен што беше презентирана веб платформата на картичката, свое обраќање имаше и претставник од бизнис секторот Предраг Николовски, од компанија ФОРД која во оваа пригода истакна:
– „Ми-Да Гранд Моторс“ како овластен импортер и претставник на брендот „Форд“ во Македонија, останува посветена на својата мисија за општествено одговорна компанија и на задоволството на клиентите. Одлучивме да се приклучиме кон проектот „Мој Карпош“, картичка за попусти бидејќи сакаме да им овозможиме на граѓаните од нашата општина дополнителни бенефиции и попусти за користење на сервисните услуги кои ги нудиме. Со ова сакаме да им укажеме на граѓаните за важноста на сервисирање на своите возила во официјален сервис, кој работи по светски стандарди со оригинални алати, делови и кадар кој е стручен и професионален. Овој проект ни овозможува да им ги доближиме овие услуги на граѓаните за да не мораат да одат во не-сигурни сервиси при што би се изложиле на опасност по безбедноста, како за себе така и за останатите учесници во сообраќајот. За да ја потврдиме довербата кај нашите клиенти, воспоставивме апликација за транспарентност на цените за сервис и он-лајн закажување – „Мој Сервис“. Отсега преку „Мој Карпош“ картичката до „Мој Сервис“ во Ford со попусти и подароци за сите.
Градоначалникот на Општината Стефан Богоев, рече дека со ова се реализира еден од неговите предизборни проекти наменети за граѓаните и бизнис секторот во Карпош.
„Токму од Лептокарија, при средби со дуќанџиите ја најавив картичката. Денеска, од еден од најкултните локали во нашиот Карпош, започнуваме со долгонајавуваната картичка за попусти и бенефиции“, рече Богоев.
„Во изминатиов период, често пати, директно до мене, на социјалните мрежи пристигнуваат прашања дали на овој начин се фокусираме само на Карпош и што би се случило доколку секоја општина има ваква картичка. Примарната цел на картичката не е да ја загрози конкуренцијата или да нѐ направи „локал патриоти“. Напротив! Бизнисите нудат попусти и бенефиции во деловите од денот кога можеби немаат голем промет и потрошувачка, а на овој начин ќе се поттикнат потрошувачите да ги посетат токму во тој период. Всушност, се постигнува двојна цел. Задоволни бизниси кои имаат поголема фреквенција и добивка, како и граѓани кои купуваат по пониски цени во одредени периоди од денот“, додаде Богоев.
Картичката „Мој Карпош“ е проект кој постојано ќе се унапредува и ќе се развива. Во следниот период, сите приклучени форми ќе бидат и соодветно брендирани, со што граѓаните ќе знаат кој субјект е дел од „Мој Карпош“.