Карпошани ќе имаат попуст во кафулиња и на забар во својата општина


Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев размислува да воведе картичка за попусти и бенефиции за карпошани во кафулиња, берберници, стоматолошки ординации и на други слични места, кои се наоѓаат на подрачјето на Карпош. Интерес би имале и двете страни, жителите, но и субјектите, односно би се раздивижила локалната економија. Оваа идеја на Богоев, веќе е применлива во Нов Белград, збратимена Општина на Карпош.

Меѓудругото, и за неа станало збор на денешната средба помеѓу Богоев и амбасадорката на Република Србија во Македонија, Душанка Дивјак-Томиќ. Тие разговарале и за продлабочување на соработката со збратимената Врњачка бања, со која Карпош во иднина би ја развил соработката во сферата на културата и локалниот развој.

„Картичката би се користела во локали и субјекти на територија на Општината со цел да се размрда локалната економија. Попуст би имало на пример во неатрактивен период од денот или во одредени денови. Во случајот би се опфатиле околу 50.000 луѓе, а корист би имале сите“, појасни Богоев за „Независен весник“.

Инаку, на денешната средба, амбасадорката се интересирала и за локацијата за новиот Клинички центар и ја поздравила одлуката, т.н. Медицински град да се гради на локација меѓу Бардовци и Злокуќани. Во таа насока, градоначалникот Богоев напоменал дека за граѓаните ќе се зголеми атрактивноста на овој дел од Карпош, но, очекува тој да стане привлечен и за домашните и странски инвеститори.

„На средбата се разговараше за повеќе актуелни случувања во Карпош и проблеми со кои се соочува Општината. Амбасадорката Дивјак – Томиќ се интересираше за урбанистичкото планирање во  Карпош и урбанистичката визијата во претстојниот период. Градоначалникот Богоев нагласи дека ќе опстои на даденото ветување, урбанизацијата да биде планска и да се дисперзира во периферните делови на локалната самоуправа“, информираат од Карпош. (Д.Т.Д.)