Каролина на концертна турнеја низ Македонија


Од синоќа, поп-ѕвездата Каролина Гочева- Корубин тргна на концертна турнеја низ Македонија, со која ќе ги промовира песните од новиот албум „Извор“. За старт,  одржа концерт во Тетово, во Домот на културата „Иљо Антевски- Смок“. Турнејата продолжува во вторник во Домот на култура „АСНОМ“ во Гостивар. Во мај, Каролина ја очекуваат уште три концерти: на 6 во Куманово, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, на 7 мај во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, и на 10 мај во Струмица, во Домот на култура „Антон Панов“.

Промоцијата на новиот албум, таа ја започна на крајот на февруари, со седум концерти кои се одржаа во Македонската опера и балет во Скопје. По Скопје, Каролина пееше и во Охрид, каде што најави и концерт на лето, на отворена сцена, и два пати во нејзината Битола.

Во првиот дел од концертите, Каролина ги пее песните од новиот албум, а во вториот, хитовите од претходните албуми, „Македонско девојче“ 1 и 2. Автор на сите песни од „Извор“ е Никола Мицевски, кој ги напиша и оние од „Македонско девојче 2“. Текстовите се на Весна Малинова- Бабамова, освен за „Будна“, чија приказна ја напиша актерката Весна Петрушевска.

Фото: Б. Грданоски