Карневалска атмосфера и во Прилеп, се одржува „Прочка 2019“


Прилеп денеска е во голема карневалска атмосфера. Се одржува меѓународниот карневал „Прочка 2019“. Во центарот на градот пред голем број прилепчани и преку 1.000 посетители од соседните земји, дефилираа повеќе од 600 маски од земјава и од целиот Балкан. Традиционално, дефилето го отворија прилепските мечкари, како заштитна маска на Карневалот, а атмосферата ја развеселија мажоретките-гости од соседна Србија.

Сончевото време ја зголеми веселата крневалска атмосфера и кај посетителите и кај маските. Дел од нив прв пат доаѓаат и се воодушевени од карневалот.

– Доаѓаме од Каштел, Хрватска. Првпат сме во Македонија на Карневал. Го доведовме нашиот премиер Пленковиќ во службена посета и ние сме неговата гарда. Тоа е нашата маска.Времето е одлично, има многу маски, вели Анте Шушко од Каштел, Хрватска.

-Ние сме група на туристичката организација од Лесковац, Србија. Групата е „Метаморфоза“. Девојките ќе се преобразат во пеперутки, а јас сум Градина. Некои од насе се прв пат во Прилеп на Карневалот, вели Билјана Чирковиќ од Лесковац, Србија.

Здружението за заштита и чување на културата и традицијата „Прочкари“ од Прилеп и годинава, како што посочија нивни претставници, подготви оригинална маска.

– Годинава одлучивме да го чествуваме празникот Богојавление-Водици. Во оваа маска имаме 30 учесници. Ќе се фрла светиот крст, имаме скокачи кои треба да го извадат, а за најдобрите имаме и награди, вели Горан Ржаникоски од здружението „Прочкари“.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски вели дека градот прерасна во карневвалска атракција и го развива овој вид туризам, а посетата на карневалот пријатно ги изненади сите.

– Денеска Прилеп ужива во карневалот „Прочка“. Граѓаните и цел град покажаа дека се подготвени за овој карневал. Дефилираат поединечните и групни маски од земјава и странство, а не изостануваат и драмските изведби на „Статуа фест“. Карневалскиот спектакл е на општо задоволство на сите присутни. Карневалот е со огромно значење за развојот на туризмот во Прилеп и имаме над 1000 гости од земјава и странство, изјави Јованоски.

Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“, како организатор на карневалот заедно со локалната самоуправа, вели дека годинашниов карневал донесе неповторливи маски.

– Прилеп е полн со гости и посматрачи. На наша гордост градот се отвори за карневалскиот туризам. Веќе два дена посебно имаме гости кои сакаат да уживаат во карневалот и тоа од Грција, Бугарија, од Србија. Така се развива карневалскиот туризам што е и крајната цел. Имаме неверојатно добри маски на општо задоволство на присутните, изјави Георгиев.

Карневалот ги угости и првите луѓе на Асоцијацијата на европските карневалски градови. Меѓу посетителите беа Лар Ангел претседател и Марион Илхе, потпретседател на оваа европска асоцијација.

– Годинава сум првпат во својство на претседател на асоцијацијата. Првпат бев во 2012 година на конвенцијата на европските карневалски градови што се одржа во Прилеп. Прилеп е еден од нашите поважни членови во фестивалската асоцијација. Убаво е во карневалите што ги поврзуваат луѓето и тоа е трајна карактеристика на карневалите, изјави претседателот на Асоцијацијата Ларс Ангел.

Честитки за карневалот упати и Марион Илхе, потпретседател на Асоцијацијата на европските карневалски градови.

Жири-комисија до вечер ќе ги прогласи најдобрите маски на годинашниов прилепски карневал „Прочка 2019“, а вечер е заедничката забава на маските. За утре здружението „Прилепски мечкари“ ги покани сите гости на карневалот на посен грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“.