Стотици пациенти се лекуваат со масло што се прави дома


„Подобро илегално жив, отколку легално мртов“, е паролата на многумина ширум светот кои на своја рака се лекуваат со масло од канабис – нешто што во Македонија не е дозволено. Со оваа порака поддржувачите на граѓанското здружение „Зелена алтернатива“ вчера излегоа пред судот во Скопје да му дадат поддршка на Филип Достовски, активист кој се залага за легализација на канабисот.

Нему му се суди затоа што пред две години полицијата нашла коноп во неговиот дом.

– Ние како здружение четири години јавно им помагаме на пациенти и никогаш не сме имале проблем со полиција. Баравме и од претходната влада, бараме и од оваа да го дозволи канабисот за лек. Така ќе има и поголема контрола на неговата употреба каква што сега нема. За жал, канабисот не помага кај сите болести, но за среќа па никому не штети – изјави Достовски.

Почетокот на судењето повторно ја отвора дебатата за декриминализацијата на канабисот како лек. Јавна тајна е дека го користат стотици пациенти, особено болните од најтешки болести. Го набавуваат на црниот пазар поради убедувањето дека маслото што се продава во аптеките е премногу слабо. Други го прават дома, по упатства што ги има на интернет. Има лекари кои премолчено го одобруваат. Но законот ги третира како криминалци и пациентите што го користат, и тие што им го даваат „под рака“.

– Мојот татко имаше канцер на хранопроводот. Кога му го открија, болеста беше во трет стадиум. Хемотерапијата не помогна. Канабис набавив преку други луѓе со слични искуства. Му дававме комбинација од ЦБД и ТХЦ. Тоа не може да ја излекува болеста, но му олеснуваше за подобро да се чувствува во последните недели од животот. Мојот став е дека државата не смее да забранува нешто што за толку многу луѓе е последната сламка за спас – вели наша соговорничка.

Од „Зелена алтернатива“ велат дека законот не прави разлика меѓу дилер и пациент.

– Канабисот е лековито растение, кое им го продолжува животот на илјадници граѓани во Македонија, но и на стотици им го загрозува поради строгите и неоправдани законски регулативи. Законот вели дека секој граѓанин кој избрал да се лекува со канабис е криминалец и е во опасност да биде кривично гонет. Нема никаква логика ниту, пак, оправдување да се суди некој што одбрал да се лекува со канабис, свесно кршејќи го законот, за сметка на својот живот. Нема логика да се полнат затворите со пациенти кои немаат право на избор и немаат легален пристап до својот лек – велат од „Зелена алтернатива“.

Според постоечките закони, без лекарски рецепт можат да се земаат производи од коноп кои содржат под 0,2 отсто од психотропната компонента ТХЦ. Оние што содржат повеќе од 0,2 отсто се даваат исклучиво на лекарски рецепт, според состојбата на секој пациент поединечно. Моментално во Македонија употребата на маслото од канабис е дозволена за лекување на ХИВ, рак, епилепсија и мултиплекс склероза.

Научни испитувања покажаа дека канабисот има позитивни ефекти врз низа автоимуни заболувања, сида, канцер, мултиплекс склероза, аутизам, анксиозност. Но фармацијата и медицината велат дека нема докази кои укажуваат дека канабисот може да се користи како лек што ќе излекува одредена болест. Американската агенција за храна и лекови (ФДА) пред пет дена ја одобри употребата на орален канабидиол (ЦБД) за третман на две тешки форми на епилепсија што се јавуваат кај деца.

С.С.З.