Камчев на слобода, на ред е Мијалков


Најбогатиот Македонец, Орце Камчев, по два месеца поминати во притвор во Шутка и два месеца поминати во куќен притвор, од вчера е слободен. Врховниот суд ги прифати жалбите што ги поднесоа Камчев и останатите осомничени во случајот „Империја“, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, со кои бараа да бидат ослободени и од куќен притвор. Оваа одлука на највисокиот суд следува по донесеното правно мислење со кое беше утврдено дека Специјалното јавно обвинителство, кое го отвори овој случај, е ненадлежно да поднесува обвиненија, да покренува истраги и да презема предмети од редовното јавно обвинителство, 18 месеци по преземањето на прислушуваните разговори од тогашната опозиција.

Во образложението зошто Врховниот суд им го укинува куќниот притвор, тој го наведе токму правното мислење што самиот го донесе. За Врховниот суд е проблематично тоа што СЈО поднело предлог за мерка притвор против Камчев во ноември 2018 година, по истекот на 18. месеци.
„Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите не било овластено и не можело да поднесува предлози за определување на мерка притвор против обвинетиот, како и предлог за продолжување на мерката куќен притвор бидејќи нема таква стварна надлежност по истекот на 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност“, се вели во дел од одлуката за прифаќање на жалбата на Камчев.

Врховниот суд, иако бараше мислење од редовното обвинителство, предлог да им биде продолжен притворот на Камчев и останатите доби од Специјалното јавно обвинителство. Иако со неедногласна одлука, Врховниот суд не го испочитува мислењето на СЈО.

Камчев заврши во затворот во Шутка на 9 ноември кога новинарските екипи до доцна по полноќ пред истражниот затвор чекаа да се појави поранешниот премиер Никола Груевски, кој по неколку дена пиша дека добил азил во Будимпешта. По бегството на Груевски во притвор заврши и неговиот братучед, поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков осомничен во истиот предмет, кој исто така беше ослободен околу новогодишните празници. Двајцата излегоа од притвор на предлог на Специјалното јавно обвинителство откако Камчев понуди имот од 14 милиони евра, негов и на неговото семејство, а Мијалков понуди три недвижни имоти проценети на еден милион евра станбен и деловен простор.

Апелацискиот суд не го испочитува правното мислење на Врховниот суд и им го продолжи куќниот притвор на осомничените од „Империја“, но по оваа одлука за Камчев очекувано е на слобода да излезе и Мијалков.

Специјалното јавно обвинителство ја разоткри бизнис-империјата на двајцата моќници, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кои ја имаа купено половина Македонија. Од она што го објавија од СЈО, сепак почетокот и крајот на матните бизниси, кои се создавале цела деценија, тешко може да се најдат и да се објаснат. Најкраткиот заклучок што може да се извлече е дека „Империјата“ била изградена со мрежа од офшор-фирми што ги формирал Камчев, кој бил мозокот за комлицираните трансакции, додека моќникот зад нив бил Мијалков.
И сега, кога „Империјата“ е разоткриена, останува најважниот дел – таа да биде урната. СЈО тврди дека има собрано 90 отсто од доказите, но не прецизира кога ќе поднесе обвинение.(Ф.Ф.С.)