Каминис: Да покажеме дека на ниво на ниска политика Скопје и Атина можат мирно да коегзистираат


Строго ќе се ограничиме на нашата улога, на соработката на двата градови, за да испратиме порака дека соработка со градот Скопје е најдоброто нешто што можеме да го направиме во овие околности, вели атинскиот градоначалник во пресрет на средбата со неговиот скопски колега.

Говорејќи за радиото Тема 104.6, Јоргос Каминис, отфрла секаква можност со Петре Шилегов да разговараат за политичките случувања и разговорите за името.

– Одлучив да го поканам сега, токму за да испратиме порака дека градовите можат да соработуваат, можеме да ги разменуваме нашите искуства, можеме да соработуваме на илјада полиња и така да покажеме дека барем на ниво на ниска политика, и сакам да го потенцирам ова, на ниво на ниска политика, Скопје и Атина, а соодветно и двете земји, можат мирно да коегзистираат, вели атинскиот градоначалник и објаснува дека со неговиот скопски колега ќе разговараат за социјална заштита, социјална култура, иновации и слично.

Во интервјуто за радиото, Каминис открива дека наскоро ќе ја возврати посетата и со Шилегов ќе се сретне во Скопје, јавува дописникот на МИА од Атина.

Во однос на моментумот што постои за изнаоѓање решение на проблемот со името, атинскиот градоначалник, коментира дека треба да се искористи можноста.

-Верувам дека е отворен прозорец на можност и верувам дека, како што е случај со кипарското прашање, ако секој прозорец на можност што се отвора усвојуваме бескомпромисни позиции, следниот прозорец е секогаш помал.

Јоргос Каминис во ноември мината година беше еден од кандидатите за претседател на новата централно- левичарска партија што се формираше во Грција, за чиј лидер беше избрана Фофи Генимата. Атинскиот градоначалник, како член на политичкиот совет на Движење за промени, коментира што новата партија би направила доколку евентуалното решение дојде во грчкиот Парламент. Каминис вели дека се зависи од тоа каков ќе биде договорот, бидејќи сега, сѐ уште е во тек дипломатскиот процес.

-Постојат предлозите на Нимиц, тие содржат некои точки кои не може да ги прифати Грција, на маса се, ќе разговараме и ако дојде договор што ќе ги задоволува основните работи, односно, прашањата со иредентизмот, сложеното име и тогаш мислам дека е нешто што треба многу сериозно да размислиме и доколку се исполнуваат предусловите да помогнеме за да се реши ова прашање, вели атинскиот градоначалник за радиото Тема 104.6.

Јоргос Каминис и Петре Шилегов, ќе се сретнат утре во 10 часот по локално време, во зградата на општина Атина.