Каменос: Скопје нема причина да инсистира на име кое велат дека го користат во последните 70 години
Лидерот на Независни Грци, коалицискиот партнер во грчката Влада и актуелен министер за одбрана, по заедничкиот состанок на парламентарната група и на извршниот комитет на партијата рече дека не верува дека до Самитот на НАТО ќе се исполнат сите предуслови за решение на проблемот, одговарајќи на новинарско прашање што ќе прави на следниот состанок на северно атлантската алијанса.
Според него, преговорите ќе траат долго, потребно е да се направат Уставни промени „поради иредентистичките позиции“, а неговата партија не отстапува од позицијата во името да не биде вклучен терминот Македонија.
Панос Каменос, јави дописникот на МИА од Атина, во изјавата по состанокот, говорејќи за нашата земја, го употреби привременото име ПЈРМ, но без терминот Македонија.
– Не верувам дека на НАТО Самитот ќе биде направен толку голем напредок во преговорите, дека ќе биде завршена уставната промена, како дел од предусловите што ги поставува грчката влада за поранешната југословенска Република. Сметам дека ако навистина сакаат решение Скопјаните, ќе треба да го направат она што го направи Англија за нејзиниот влез во Европската унија. Ќе ве потсетам дека за да влезе Англија во ЕЕЗ, го смени името по барање на Де Гол, од Велика Британија во Обединето Кралство, рече Каменос, објаснувајќи дека кога тоа го сторила големата Англија, „Скопје нема причина да инсистира на име кое велат дека го користат во последните 70 години, а е со историја од 3000 години“.
Во однос на позицијата за името, лидерот на Независни Грци, истакна дека од партијата остануваат на цврстата позиција, против употребата на терминот Македонија или изведените зборови во името, а уште еднаш повтори дека има целосна доверба во шефот на грчката дипломатија.
– Цврстата позиција на Независни Грци, потврдена на сите конгреси и на политичкиот совет пред неколку дена е дека нема да се согласиме за никакво име на Скопје што ќе го има терминот Македонија или изведените зборови, односно ја задржуваме националната позиција од 1992 од Советот на политичките лидери под претседателот на државата. Имаме целосна доверба во министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас да оди напред кон преговори, затоа што навистина бараме да има решение, рече Каменос по завршувањето на партискиот состанок и додаде дека според негова проценка, преговорите ќе траат доста време и „секако ќе треба и Скопје да отстапи, врз база на Уставна промена, од сите иредентистички позиции“.
Претседателот на Независни Грци, вели дека членовите на партијата, како слободни граѓани ќе учествуваат во протестот за „Македонија“ закажан за 4 февруари. Според Каменос, грчките граѓани на протестот ги изразуваат националните позиции и им помагаат на преговорите“. Лично тој, вели дека во недела нема да биде во Атина и затоа нема да присуствува на собирот, но неговото семејство ќе биде на протестот.
Панос Каменос, јави дописникот на МИА од Атина, ги отфрли сценаријата за напуштање на владината коалиција и истакна дека со СИРИЗА ќе го завршат до крај четиригодишниот мандат даден од граѓаните.