Како Скопје стана град на срамот?


„Поетика на срамот“ е проект во процес на реализација, во соработка помеѓу Здружението „Артопија“ – Скопје и „#reteteatro41“ од Италија, а се одвива во рамки на програмата Матера – европски град на културата за 2019 година.

Проектот „Поетиката на срамот“ се стреми кон тоа во уметничка и изведбена форма да ги истражува различните етички, социјални, антрополошки и литерарни облици на срамот кои се рефлектираат низ знаци, симболи, значења и традиции на општествата за кои чувството на срамот е дел од секојдневието. Матера е градот кој од место на срамот во 50-тите години, денес се претвора во гордоста на Италија. Од таму и врската меѓу Матера и Скопје.

„Скопје од град на солидарноста на 20-иот век, денес е срамот и главниот печат на национализмот кој е во подем низ Европа и е сериозна закана за сите општествени сегменти. Така Матера и Скопје вторпат во последните два века си ги менуваат местата. Матера успева да ги надмине националистичките граници и да се отвори за Светот не срамејќи се од сопственото минато, а на Скопје таа можност му е одземена и градот се дави под стиропорната маска. Промената на лицето на градот значи и менување на општествените односи и поделба, која стана доминантна вредност, наспроти емпатијата која речиси и да ја нема, a ние секојдневно се заглавуваме во срам, предизвикан од туѓата бесрамност“, велат од Артопија.

„Скопскиот“ дел од проектот трае од 25.11. до 15.12.2018. Во фокусот на овој дел е театарска работилница, од која треба да произлезе финалниот продукт – театарска претстава, чија премиера се очекува во Матера, Италија, во Март 2019 година.

Покрај работилницата и другите активности, значаен настан при реализација на делот од проектот одработен во Скопје е и панел дискусијата на тема „Ајде да зборуваме за срамот” која ќе се одржи на 02.12.(недела), во 12:00 часот, во просториите на Младинскиот културен центар(галерија МКЦ). На темата ќе говорат Мила Царовска (Министер за труд и социјална политика), професор Владимир Милчин (професор и театарски режисер), Вардан Тозија (филмски режисер) и Гофредо Фофи (критичар) од Италија.
„Поетиката на срамот“ е поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија.