Како се изработува „Оскарот“ ?


Секоја оскаровска статуетка што ја држеле ѕвездите во раце, ја бакнувале или ја гледале со солзи во очите, била леена, избрусена и измазнета во леарница далеку од Холивуд. Работниците во уметничката леарница “Полих таликс”, на околу 80 километри северно од Њујорк, почнаа да работат кон крајот на септември за навреме да ги направат статуетките за доделувањето на 4 март во Холивуд. Секој од 60-те оскари испратени од производната хала е висок 34,2 сантиметри и ги има истите препознатливи арт деко карактеристики исполирани до ефект на огледало. На сјајната основа недостига само плочката со името на добитникот, која се додава подоцна, на самата свеченост. Статуетките се облеани со злато од 24 карати.

“Полих таликс”, која почна да ги произведува оскаровските статуетки пред неколку години, минимално го измени изгледот на стилизираниот витез, во насока на оригиналната статуетка од 1929 година. Патот на оскарите од гратчето Рок Таверн во државата Њујорк до главната сцена во Холивуд не е баш филмски.Ама вреди да се погледне.

 

Кастинг

Секој Оскар почнува со почетна верзија изработена од восок, која потоа се брцнува во кашеста керамичка маса во крем боја. Керамиката се стврднува и восокот се топи за да се ослободи простор за течната бронза. Откако ќе се искрши керамичкиот калап, останува груба верзија на елегантната фигура.

Џон Мензи и другите работници се задолжени за рачно брусење и полирање на секоја статуетка до фин финиш.

Мензи вели дека е вистинска возбуда да се гледа на ТВ како се доделува статуетката на која си работел, како што му било на ланското доделување.

“Додека Леонардо ди Каприо го држеше говорот држејќи го Оскарот во раце, си помислив: ‘Можеби, сум работел токму на тој'”, вели Мензи. “Посакував да го прочита серискиот број на задната страна на статуетката за да можам да кажам: ‘Јас работев на таа!'”

 

Најдобри визуелни ефекти

Кога “Полих таликс” го презеде производството од една компанија од Чикаго, Академијата за филмска уметност и наука побара од леарницата да направи статуетка што повеќе ќе потсетува на оригиналната. Професионалниот леар Даниел Плонски направил 3Д-скенирања на една од првите статуетки и на една понова и ги издвоил најдобрите карактеристики од двете за најновата верзија. Реставрацијата на Оскарот била суптилна: стилизираните црти на лицето се подефинирани, поизразени му се ушите и косата, како и мечот во рацете што продолжува меѓу нозете.

“Поентата беше да не го направиме шокантно поразличен”, рече Плонски.

Најизразената разлика е онаа што луѓето не ја гледаат: статуетката повторно е леена во бронза наместо во легура од калај.

 

Оскарот го добива…

Статуетките потоа се испраќаат во Бруклин на галванопластика со 24-каратно злато во “Епнер технолоџи”, која, исто така, по втор пат учествува во правењето на оскарите. Претседателот на компанијата, Дејвид Епнер, рече дека пред да бидат вклучени во производството на оскарите, актерот Ф. Мареј Абрахам и неколкумина други оскаровци побарале да им направат нов позлатен финиш на старите избледени статуетки. Тој ветува дека тоа нема да се случи сега, откако тие се задолжени за процесот што вклучува финиш со бакар и со никел пред златото.