Како празниците влијаат на вашето здравје


Многумина ќе се сложат – божиќните празници се едни од најубавите празници во годината. Но постојат и луѓе што празничните денови ги доживуваат како стресни и исклучително напорни.

Тоа и не е чудно бидејќи помалку се заборава на вистинската смисла и на магијата на Божиќ. Потрошувачката треска и брзањето околу подготовките за празникот се причини поради кои овие прекрасни денови можат да се претворат во вистински напор и да остават тешко чувство на исцрпеност.

Но мудрата организација на времето, умереност во јадењето и пиењето и потсетување на вистинската вредност на Божиќ може многу да придонесе за празниците да бидат исполнети со среќа, мир и задоволство.

Предлагаме неколку начини на кои можете да го зајакнете своето ментално и физичко здравје, и покрај стресот и многубројните празнични искушенија:

Дружење со семејството и со пријателите – квалитетно поминато време со луѓе кои ги сакате е клуч за среќа и задоволство. Последните истражувања покажуваат дека просечно семејство дневно поминува само 36 минути заедно, а со пријателите уште пократко. Причина е брзиот дневен распоред и сѐ подолгата листа на обврски. И научно е потврдено дека луѓето што поминуваат повеќе време во кругот на семејството и пријателите имаат далеку попозитивен поглед на животот и се помалку подложни на стрес, депресија и хронични болести.

Давање и примање – да се дадат и да се примат подароци е активност многу корисна за човечкиот организам. Притоа се ослободуваат допамин и окситоцин, хормони кои имаат повеќекратна корист за здравјето на човекот. Допаминот е познат како хормон на среќата и задоволството. Неговите зголемени вредности намалуваат стрес, тага, немир и останати негативни емоции. Освен тоа, овој хормон е важен за одржување на когнитивните функции, како што се концентрација, памтење, одлучување, логично размислување и слично. Окситоцинот е познат и како хормон на љубовта. Повеќе се лачи при физички контакт, како допир или гушкање, а се ослободува и при смеење, при давање или примање подароци. Овој хормон ја намалува анксиозноста, го јакне имунолошкиот систем и го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести.

Искористете го времето на божиќните дарувања за делење и примање среќа и љубов, па подобрете го сопственото здравје и здравјето на своите најмили.

Пеење – без разлика за кого или со кого пеете, едно е сигурно – пеењето му годи на вашето тело. Според истражувањата, пеењето го контролира дишењето и има сличности со благодатите што ги носи јогата. Освен тоа, пеењето помага и во регулација на срцевиот пулс. Го намалува кортизолот, хормонот на стрес, и поттикнува излачување допамин и окситоцин. Со пеењето се зајакнуваат и мускулите на дишните патишта. Постојат и тврдења дека тоа може да ја подобри функцијата на белите дробови и така да ги намали симптомите на астма.

Одмор и сон – квалитетен одмор и сон се и тоа како важни за целото здравје на човекот. Божиќ и неколкуте неработни денови околу Нова година се идеално време за одморање на телото, како и за кратки дремки преку ден. Неколку минути дневен сон може да го намалат стресот, да помогнат на кардиоваскуларните функции и да ги подобрат концентрацијата и памтењето. Во истражување на НАСА во кое учествувале пилоти, се вели дека кај оние на кои им било дозволено да спијат 26 минути преку ден, нивната ефикасност е зголемена за дури 34 отсто.
Здрави оброци – зошто празниците, кога сте повеќе дома, не би ги искористиле и да подготвите по некој здрав оброк? Не само што ќе ги изненадите непцата, туку и ќе го зајакнете вашето здравје и ќе придонесете за подобра состојба на целиот организам. Наместо тешки и мрсни јадења, полни со нездрави состојки, одлучете се за полесни и за здрави оброци. Така, по празниците нема да почувствувате умор и безволност, туку вашето тело ќе биде одморено и полно со енергија.

Внимателно со пиењето: Треба да внимавате на пијалакот што ќе го консумирате! Избегнувајте газирани напивки кои го зголемуваат ризикот од многу болести, ограничете внес на засладени сокови. Речете му „не“ на поголемото количество алкохол што му штети на организмот. Наместо тоа, подгответе вкусни и нутритивно богати напивки. Некои од нашите предлози се добрата стара лимонада со мед, топол домашен чај, напивка од мед и ѓумбир или смути во разни варијанти.