Како правилно да го освежите организмот по празниците


Исфрлањето на отровите и слабеењето се две работи многу важни после празниците. Имајќи предвид дека после Нова година и Божиќ почнуваат и зимските слави, треба да знаете што да направите за да го прочистите организмот од тешката мрсна и блага храна.
Но, ако мислите дека решението е детоксикација, се лажете, предупредуваат британски лекари. Според нив, радикалните мерки никогаш не се добри за организмот.
Како пример се наведува случај на 47-годишна жена која минатата година се довела во животозагрозувачка ситуација по детоксикација со суплементи, односно со коктели со витамин Б, корења од растенија и пиење голема количина вода. Таа закрепнала дури после престој во интензивна нега во болница. Пред тоа изгубила свест и имала халуцинации. Анализите покажале дека имала опасно ниско ниво на соли во организмот.
Иако можеби изгледа корисно да го исчистите организмот по претерувањата за време на празници, тој концепт не е здрав и нема поддршка од медицинската заедница.
– Прекумерниот внес на вода како начин на „чистење на организмот“ се темели на погрешно уверување дека на тој начин сѐ што е штетно може да се „испере“ од организмот – велат докторите.
Наспроти маркетиншките тврдења, суплементите на билна основа не се без несакани реакции.
Британскиот диететски сојуз излезе со став дека концептот да детоксикација е чиста глупост.
„Не постојат волшебни таблети, напивки, лосиони или фластери. Телото е составено од многубројни органи, како кожата, бубрезите и црниот дроб кои непрестајно го чистат организмот од глава до петици“, соопштија од Сојузот.
Според нив, организмот треба да биде хидриран, но премногу вода може да биде исто опасно, како и премалку вода. Разновидна исхрана и редовна физичка активност се најдобра стратегија за одржување на здравјето – се советите од медицински лица.
Нутриционистите, пак, препорачуваат дека по празниците треба да има редуцирана и здрава исхрана која би траела најмалку четири дена, а може да продолжи до седум дена. Сѐ што е потребно се волја и дисциплина. Најважно е да се елиминираат шеќерите, да се пие доволно вода, да се внесуваат протеини, храната правилно да се џвака, да се воведе здрав ритам на спиење и секое утро да се испие по една чаша овошно смути.