„Каин“ е идеја која пропагира и општествено критикува
Новиот македонски бенд „Каин“, создаден од четворица млади ентузијасти, нуди авторска музика која го пресликува гаражниот звук во студио. Фронтменот на бендот и вокалист Андреја Ристески – Салпе вели дека нивната инспирација доаѓа од опкружувањето, особено турбулентноста и динамиката на денешното живеење. Токму ова го прави бендот да не може да биде жанровски определен. Зад себе го имаат деби-албумот „Под ова сонце ладно е“ и периодов се активни со концертните промоции за истиот низ земјава. Каин е името на првиот син на Адам и Ева, познат по злобата, но овој музички „Каин“ има поинаква цел со постоењето и творењето. Треба да поттикне на размислување и надминување на стереотипите, како и на менталниот склоп на масата.
Бендот го сочинуваат Андреја Салпе, Христијан Војнески – Јапер, Александар Вренцоски и Дарко Јованоски. Генерациски сите се блиску и секој еден од нив носи свој белег во музиката, како резултат на претходни активности во други музички состави. Измешани во стиловите и изразот, но со силна желба и сериозен пристап кон музиката го создаваат „Каин“.
Во интервјуто со вокалистот Андреја, кој е студент по новинарство, разговараме повеќе за нивната идеологија како музички уметници, влијанието и трасирањето на патот кон музичкиот свет.
Деби-албумот „Под ова сонце ладно е“ излезе на површина. На него работевте неколку години, колку сте задоволни од финалниот производ?
– Меѓусебно бевме согласни дека трагаме по професионален звук, пред сѐ за лична сатисфакција, а понатаму и за задоволување на апетитите на аудиториумот со префинет слух. Премногу внимателно, по малку и неискусно, баравме студио што ги исполнува замислените критериуми, а сепак тоа да биде достапно и прифатливо за наши стандарди. Пред две години, полни со ентузијазам влеговме во студио и со тек на време почнаа да се појавуваат препреки, главно финансиски, а тоа го забави целиот процес. Идејата беше да го пресликаме гаражниот звук во студио, без дополнително студиско шминкање и да достигнеме момент да не се разликуваат концертните интерпретации на песните со студиските снимки. Но, како и секогаш за сѐ во животот, во практика е поинаку. Важно успеавме да го уловиме студискиот момент кој нѐ задоволи, поразличен од нашите претходни очекувања, но тоа ни ги сруши стереотипните гледишта што ги имавме и ни отвори нови хоризонти, а и нам како луѓе воопшто. Сѐ е на свое место, денес „Каин“ на носач звучи профи-сурово, испеглано и префинето, баш како и мелодиите во песните.
Уште пред да имате официјално издание, за „Каин“ имаше интерес од домашните фестивали, бевте поканувани да настапувате, се надевам во иднина тоа и почесто ќе се случува. Кои се карактеристиките на бендот?
– На пробите во процесот на склопување на песните, наши блиски луѓе беа често присутни и цврсто застанаа зад идејата на Каин. Така се создаде силна енергија, која подоцна би рекол прерасна во локално урбано движење. Почна гласно да се зборува за „Каин“ и за неговата идеологија, па така луѓе од различни возрасти и бранши веќе знаеја приближно за што се работи. Секој на свој начин и во свој домен го дава својот придонес во процесот на промоција, воедно луѓето се свесни дека „Каин“ не е личен и индивидуален проект од затворен карактер, напротив Каин е идеја која пропагира отвореност и општествено критикува. Сѐ уште немавме извадено ниту еден сингл, а веќе имавме неколку настапи по фестивали, се надевам дека и понатаму вратите ќе ни бидат отворени и дека ќе се зголемува заинтересираноста. Сакаме што е можно повеќе луѓе да слушнат за Каин.
Во песните се содржат многу елементи, се забележуваат голем спектар на музички влијанија. Сепак, што е она што најмногу влијаеше на вас?
– Општеството, се разбира. Главната инспирација доаѓа од она што нѐ опкружува. Веројатно динамиката и турбулентноста во општеството прави да не може жанровски да се определи. Она што е карактеристично за нас се источните, балкански мелодии, панкот како синоним за бунтовност, паузите и контрастите во песните и секако јасната и искрена лирика. Пораснати сме со „Архангел“, „Мизар“, „Анастасија“ итн. Тоа се бендови кои имаат одбележано некое свое време, веројатно тие имаат директно во срж и влијаено врз нас, во нашето формирање како музичари. Сметам дека „Каин“ го бележи своето време.
Текстовите се ангажирани, длабоки… Во последната песна се рецитираат стихови од „Сирма“ на Блаже Конески. Како оди процесот на создавање/избирање на текстовите?
– Сите текстови се инспирирани од општествените состојби и менталниот склоп на масата. Процесот е едноставен, тие се напишани таму и тогаш, премногу искрено го бележат времето во кое се напишани. Се зборува за она што ни се случува на сите, на општествено и ментално ниво, па од тука произлегува и името на албумот „Под ова сонце ладно е“. Често се спомнува сонцето како национален симбол кој го опишува Македонецот. Правам парабола и компарација, од една страна се опишува големината и моќта на Сонцето, како природен извор за живот воопшто, од друга страна како опис за Македончето, за неговите кратки, плитки и малограѓански видици. „Сирма“ на Блаже Конески е специфичен рецитал во интерпретација на Давор Јанкулоски и тоа е всушност негов предлог во контекст со Каин.
Ако Каин бил првото дете на Адам и Ева, во што посакувате да биде прв овој ваш „Каин“?
– Синот Каин е симбол за владеењето на злото во светот, кое за жал сѐ уште во 21 век локално, а и глобално преовладува.
Овој наш Каин би сакал да поттикне на размислување, да изврши влијание врз менталниот склоп на масата, да биде прв кој безмилосно ќе збуричка директно во главата, во сржта на комплексите на Македончето, не со цел тие да нараснат, напротив да исчезнат. Каин да биде прв кој ќе ги руши стереотипите на малограѓаните и да ги прошири видиците на масата, да биде столб врз кој ќе можат младите да се фатат и задржат за подоцна да прераснат во личности кои ќе остават позитивен белег во општеството. Искрено се надевам ќе ги продлабочиме плитките чувства на масата и ќе донесеме некоја промена, а со тоа и ќе оставиме вечна трага во урбаната македонска музичка историја.
Колку многу е ладно под ова сонце?
– Искрено, мислам дека работите се придвижени кон подобро, треба само добра волја, заедно треба да се трудиме да го стоплиме сонцево македонско за тука да остариме.
Ивана Настеска
Фото: Борис Грданоски, приватна архива