Казни за разликите во плата меѓу жените и мажите во Франција


Француските компании ќе мораат во рок од три години да ги укинат разликите во платите меѓу мажите и жените или во спротивно ќе платат казна, се предвидува со планот претставен од премиерот Едуар Филип.

Мажите во Франција, во пракса се платени за девет проценти повеќе од жените, иако законот веќе 45 години предвидува еднакви плати за иста работа.

Според новите планови, кои им беа презентирани на претставниците на синдикатите и работодавачите, фирмите со повеќе од 50 вработени ќе мораат да воведат посебен софтвер директно поврзан со системот за плати кој ќе ги следи неоправданите разлики во платите меѓу мажите и жените.

Целта е идната година да се воведе софтверот во компаниите со повеќе од 250 вработени, а до 2020 во компаниите со 50 до 249 вработени.

Доколку фирмата во рок од три години не ја отстранат разликата во платите која ќе биде детектирана со софтверот, инспекторите за труд можат да изречат казни во износ до еден отсто од нејзините вкупни трошоци за плати.