Казни до 1.000 евра ако изнесете камења од плажа во Грција


Властите на островот Скијатос сакаат со високи казни да ги сочуваат белите камења кои природата ги мазнела со векови, а туристите ги земаат во џебови и така сериозно го нарушуваат изгледот на плажата позната токму по белите камчиња кои ги заплискува синото море.

Геолозите предупредуваат дека континуираното земање камчиња од плажата може трајно да ја загрози, па властите на плажата ставиле предупредувања за посетителите дека е забрането да се собираат камчиња од плажа.

Интернет-страниците за љубителите на патувањата и туристичките водичи напоменуваат дека казната за оние што ја игнорираат забраната е 400 до 1.000 евра. Но не се само туристите виновни што на неа има се помалку камења.

Многу Грци од Скијатос ги користеа камчињата од плажата за декорирање на своите домови или за мозаици во дворовите. До Лаларија може да се дојде само од море, а во светот е позната по блескавите камења, бистрата тиркизна вода и спектакуларните лаци од карпи кои ја опкружуваат.