Кадровскиот недостиг – болка на универзитетите


За високообразовните установи и натаму останува нерешен горливиот проблем за нормално функционирање – недостигот на наставно-научен кадар и помошен персонал. Професори заминуваат во пензија, места остануваат празни, посочуваат дел од универзитетските професори. Согласностите што Министерството за образование и наука ги одобрува за вработување нови кадри, велат, не се доволни и не ги задоволуваат потребите.

Речиси на секој факултет недостигаат кадри. Природно-математички факултет, Шумарски факултет. Со години кадарот не се надополнувал како што треба. Министерството за образование и наука одобрува согласности што ни од далеку не се доволни за нормално функционирање. Ректорот на најголемиот универзитет во земјава – „Кирил и Методиј“, професор д-р Никола Јанкуловски, подвлекува дека во измените на Законот за високо образование инсистирале да има член, кога некој професор ќе оди во пензија, веднаш, со тие средства што ги примал претходниот, факултетот, односно универзитетот, со тие пари да обезбеди нов кадар, да не бараат согласност, туку сами да распишат конкурс.

– Огромен е недостигот на кадар, со години не се примале професори според потребите, нема ни асистенти. Очекувавме во измените на Законот за високо образование да има меѓу другото член, во кој ќе биде регулирано и вработувањето од аспект на тоа, кога оди некој во пензија, веднаш, по автоматизам, на негово место, со истите обезбедени средства што ги примал претходниот, да се прими нов кадар. Тоа го нема – изјави проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

На Филозофскиот факултет при УКИМ, кадровскиот недостиг е вистинска болка. Секоја година заминуваат професори во пензија, административни работници, а согласност за вработување нема. Како што одминува времето, поради недостигот на кадар, полека се доведува и во опасност функционирањето на студиските програми, вели деканот на установата професор д-р Ратко Дуев. Проблемот го решаваме, вели, со ангажирање надворешни соработници. Во последните пет-шест години заминати се осум вработени, а само една согласност добивме минатата година. Додава дека секретарите, хигиеничарките… ги ангажираат на договор на дело, а тоа дополнително го обременува буџетот на установата.

– Многу тешко добиваме работни места, сите студиски програми се загрозени. Сега имаме проблем што и во наредниот период уште професори ќе ни заминат во пензија. Од Институтот за психологија, од Институтот за социологија, како и од филозофија. Секоја година од три до четири професори заминуваат во пензија. Ако не добиеме согласност во наредните три години, би се довело во прашање функционирањето на студиските програми. Вклучуваме професори, надворешни соработници, да се надополни таа празнина, ама тоа ни го обременува буџетот бидејќи тие ги плаќаме од сопствените средства. Ако споредиме со европските пракси, каде што еден професор предава еден предмет, кај нас еден професор има примери каде што професори предаваат четири предмети, а тоа е многу. Постојано праќаме барања за согласности до Министерството за образование и наука. Сега има најава дека ќе дозволат нови вработувања- рече деканот на Филозофскиот факултет при УКИМ.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во моментов се прават анализи од факултетите, барањата за одобрување согласности ќе ги достават до Министерството за образование, вели професорот Кирил Барбареев. Со новите измени на Законот за високо образование се враќа категоријата асистенти, помлади соработници, кадари кои им се потребни на институциите. Потреба на уште кадар посебно има на Медицински факултет.

– Секаде има потреба од помлади соработници на факултетите. Многу професори немаат асистенти на Универзитетот, оние што се вработени држат по три-четири предмети, сами држат вежби, сами држат настава. Секој факултет си прави сопствени анализи, стратегии за сопствениот развој во наставата и науката и како Универзитет наскоро тие анализи ќе ги доставиме во Министерството за образование. Се надеваме таму каде што има потреба од приоритетни вработувања ќе се решат. Местата што се испразнети поради пензионирање не се пополнуваат. Три-четири години нема нови вработувања на Универзитетот – изјави професорот Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска во интервјуто за „Независен весник“ кажа: На јавните универзитети во јули се одобрија нови вработувања, а сега има постапка за одобрување и на нови вработувања“.

Министерката додаде дека во буџетот за високо образование во споредба со минатата година се зголемил за половина милијарда денари или цели 20 отсто.

Вероника Мароска Леова