Кабинет на Иванов: СДСМ со манипулации прави притисок врз претседателот


Кабинетот на претседателот на државата Ѓорге Иванов најостро ги отфрла тврдењата на пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов, и соопшти дека тие се „големи лаги и манипулација со цел да се дефокусира јавноста“.
„Јасно и очекувано е дека политичката партија СДСМ преку вакви манипулации се обидува да изврши притисок врз претседателот Иванов, поради неговите политики и цврсти ставови во одбрана на достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Македонија, а во врска со неприфаќањето на штетниот грчки договор“, соопштија од Кабинетот на Иванов.
Тоа следува откако Костадинов денеска на прес-конференција рече дека Иванов вчера покажал дека „се води од лични и теснопартиски, а не од интересите на граѓаните и државата“, дека, како што рече, разгорувал и поттикнувал меѓуверска и меѓунационална омраза и покажал дека не е достоен за функцијата што ја извршува.
Кабинетот на Иванов во реакцијата посочува дека македонскиот народ на вчерашниот ден точно покажал какво е неговото размислување кон, како што пишува, „погубната политика што ја води оваа власт“.
„Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ. Претседателот Иванов никогаш не поттикнал меѓуверска и меѓунационална омраза. Напротив, заедништвото и сплотеноста коишто со децении се градени, сега се доведуваат во опасност, токму поради штетните политики и одлуки на оваа власт. За тоа дали претседателот Иванов е достоен за функцијата што ја извршува, не се прашуваат политичките партии, туку граѓаните кои го избрале и кои го покажаа својот став на чествувањето на Илинден“, се вели во реакцијата.