И тендерите добиени од ВМРО-ДПМНЕ ли беа сомнителни?


Откако опозицијата реагираше дека веледрогеријата „Пановски“ го добила тендерот за набавка на лекови распишан од Клиниката за хематологија, односно директорката го доделила на фирма на татко си, и дека тоа претставува најдиректен судир на интереси и договорот не смее да биде склучен, на обвинувањата реагираше директорката на клиниката Ирина Пановска-Ставридис. Таа во соопштение до медиумите подвлекува дека „за сите измислици, подли конструкции и нарачани прилози, со кои не биле поштедени ниту нејзините малолетни деца“ ќе поведе судска постапка. Таа вели дека е очигледно дека политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку лична пресметка со неа и со нејзиното семејство се обидува да печали дневнополитички поени.
„Цените за лековите на Универзитетската клиника за хематологија не ги одредувам ниту јас, ниту менаџментот, ниту стручниот колегиум, туку станува збор за референтни цени однапред дефинирани и определени од Министерството за здравство, врз основа на кои се подготвуваат и се спроведуваат јавните набавки“, стои во отвореното писмо од директорката на Клиниката за хематологија.
Меѓудругото, Пановска-Ставридис објаснува дека согласно Законот за спречување судир на интереси, како в.д. директор уште на 18 септември 2017 година, на сопствена иницијатива, се обратила до Државната комисија за спречување на корупцијата. Поднела и изјава за нејзино изземање од сите постапки за јавни набавки каде што како потенцијален понудувач може да се јави веледрогеријата „Д-р Пановски“.
„Комисијата, со претседател и членови предложени и изгласани во време кога политичката партија ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше владата, на 17 ноември минатата година со писмено известување му укажа на менаџментот на Клиниката за вакви случаи да овласти друго лице за спроведување на јавните набавки, како што и постапи управниот одбор “, објаснува таа.
Срамно и жално, според неа, е што политичката партија ВМРО-ДПМНЕ упорно се обидува да и претстави на јавноста скандал таму каде што нема, а притоа нанесува огромни штети на јавното здравство. Потсетува дека само во 2016 година, додека премиер беше Никола Груевски, министер за здравство Никола Тодоров, директорка на Клиниката за хематологија Лидија Чевреска, – сите кадровски решенија на ВМРО-ДПМНЕ – за потребите на Клиниката за хематологија, од веледрогеријата „Д-р Пановски“ преку две постапки за јавни набавки, склучени се договори и набавени се лекови во вкупна вредност од 1,5 милиони евра.
„Портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ нека си ги прашаат своите партиски колеги дали, како што сега лажно тврдат, јас и тогаш, и покрај тоа што не сум била директор, сум можела да извршам влијание веледрогеријата ‘Д-р Пановски’ и за време на нивното владеење да биде избрана за најповолен понудувач. Или, пак, немале друг избор, туку морале да склучат договор, затоа што оваа веледрогерија е единствен застапник, увозник и дистрибутер за тој вид лекови во Македонија. Или можеби и овие јавни набавки, кои ги спровеле нивни кадри, според денешните опозициски стандарди на ВМРО-ДПМНЕ се сомнителни“, додава Пановска-Ставридис.
За последната јавна набавка на 211 лека, веледрогеријата „Д-р Пановски“ доставила понуда за 31 лек, а склучила договор со Клиниката за хематологија за набавка на 18 лека, за кои имала најповолна понуда по завршената електронска аукција. За другите 193 лека Клиниката склучи договор со други понудувачи.
Министерот за здравство Венко Филипче во изјава за телевизијата „Канал 5“ за тендерите поврзани со хематологија и онкологија рече дека ги побарале сите документи по објавувањето во јавноста за тие постапки од Антикорупциската комисија. Се консултирале и со институции, како што е финансиската полиција. Нагласи дека доколку е потребно ќе ги преземеме сите мерки што се во нивна надлежност. Рече дека досега немало некоја недоследност во работењето ниту на Клиниката за хематологија, ниту на Клиниката за онкологија, за која излегоа двете постапки.
„Како министер за здравство и како Министерство за здравство ние воопшто немаме ингеренции да учествуваме во каков било процес на јавна набавка во која било од јавните здравствени установи. Тоа е одговорност на менаџерот, на директорот, тоа е одговорност на целокупниот менаџерски тим на самата клиника или која било друга јавно-здравствена институција која прави планови за набавки врз основа на бројот на пациенти и врз основа на потребните лекови. Буџетите се големи заради тоа што лековите се скапи и заради тоа што таму се лекуваат пациенти кои страдаат од многу тешки болести“, вели Филипче.
И додека власта и опозицијата се конфронтираа околу доделувањето на тендерите за набавка на лекови на клиниките каде што се третираат граѓани со најтешки болести, Биба Додева од здружението „Борка“ вели дека за да се овозможи поголема достапност до новите терапии и континуитет во добивањето, мора да се воведат протоколи што ќе овозможат јасен консензус за следење на пациентите со малигни заболувања и креирање на стратегија која ќе вклучи рана дијагноза која има круцијална улога во преживувањето и во лекувањето на болест, но и пристап и континуираност на терапиите.
„Како Здружение, кое е во директен контакт со пациенти, доктори, институции, фармации, наша должност е да укажеме на проблемите со кои се соочуваат нашите пациенти и нивните семејства секојдневно и да помогнеме во нивно решавање. Затоа сакаме да видиме не само добра волја и ветувања, туку вистински акции кои ќе се однесуваат на обезбедување навремена дијагноза и терапија, како и соодветно следење на пациентите“, вели Додева.
Вероника Мароска-Леова