И Стивен Хокинг би го избркале од Тимјаник


Слободанка Јовановска

Вчера гордите Македонци си ја видоа својата грда слика во огледало. Цело село стана на нозе за да спречи ЧЕТИРИ деца со попреченост да бидат сместени во нивната драгоцена околина и да се социјализираат. Страв им е дека и нивните деца ќе станат „нездрави“ ако се дружат со тие со попреченост, и притоа не се ни свесни дека се на пат името Тимјаник да остане долго запишано во страмните страници на македонската историја. Место да покажат пред своите деца општествена одговорност, пример за хуманост и сочуствителност кон децата кон кои животот бил посуров од нашиот, тие се подготвени и да „гинат“ само да не се отвори дом во нивната средина.

Нивните зборови и нивното однесување згрозија многу граѓани на Македонија, а самиот настан вчера ги фрли во сенка сите останати. Вака како што настапија, испаѓа дека и фасцинантниот ум, Стивен Хокинг, ќе беше избркан од Тимјаник и испратен во Демир Капија, бидејќи во свеста на жителите на ова место попреченоста е нешто непожелно, нездраво, небаре станува збор за зараза. Во другите земји луѓе со неверојатни попречености  стигаат до врховни судии, министри, научници, а математичарот Џон Неш стана нобеловец по економија, иако страдаше од параноична шизофренија. Но, во САД општеството не само што не „крена“ рака против, туку и му посвети филм за генијалноста – оскаровецот „Тој прекрасен ум“.

Гледано од оваа позиција тоа што се случи вчера во Македонија е национална срамота која ги надминува границите на Тимјаник, бидејќи на сите ни е јасно дека станува збор за многу поширок феномен од овие неколку квадратни километри. Министерката Мила Царовска треба сега да ги седне на маса жителите на оваа населба и тие да кажат јавно како да им се обезбеди здрава, топла средина на децата со попреченост, на кои им треба нормално опкружување, социјализација, а не осуденост на изолација. Да ги праша кој треба да им покаже љубов на ваквите деца, кој треба да им обезбеди какво-такво детство, како тие да учат за животот ако живеат зад решетка, како да им се даде шанса да го покажат и направат тоа што го можат, како да се гордее со нив општеството и тоа да се гордее со себе, бидејќи покажало дека има разбирање за ранливите категории. Малку ли е што водат тешка борба со секојдневието, па и ние да им го загорчуваме животот со нетрпението? Зар треба во Тимјаник да се распореди специјална полиција за да ги заштити другите локални деца од новодојдените, како да се вселуваат монструми а не ДЕЦА со проблеми.

Пораката што ја пратија вчера жителите на Тимјаник не се однесува само на ЧЕТИРИТЕ деца (замислете ја големината на опасноста и заканата), од кои две неподвижни, туку и на сите деца со шизофренија, со параноја, со церебрална парализа, со ретки болести, со парализа и што уште не. И таа не е нова, бидејќи не станува збор само за нетрпеливост кон деца со попреченост, туку за себичен и неодговорен однос кон општеството во кое доминира само личниот интерес, а  вишок се болните и  животните, пречат депониите за менаџирање на отпадот, а не расфрлањето на ѓубрето, пречат хомосексуалците, а не тие што покажуваат нетрпеливост, пречат тие со друго етничко потекло место да се прави богатство од разликите и слично.

Во американското и во другите развиени општества доблест е да се помага на болните, на старите, на тие со попреченост.  Доблест е да им се олесни животот, да им се даде шанса да придонесат нешто за општеството или барем да влијаат на туѓата хуманост. Затоа, она што го видоа вчера преставниците на УНИЦЕф и на УНДП е жалната страна на Македонија. За  среќа има и една друга, нова генерација Македонци која секојдневно се бори со ваквите проблеми и со ужасните стереотипи, која покажува чувство на одговорност за средината и која дава се од себе за да ја направи Македонија подостоинствено место и за тие со попреченост, и за сите други што се жртви на ваква нетрпеливост од сограѓаните, бидејќи дискриминацијата тука е благ збор. Фигуративно на социјалните мрежи Тимјаник го прокоментираа како место каде што треба да прескокнеме три века. За среќа, дојде време да се отворат и вакви теми и работите да почнат да се менуваат од општественото дно.