И сестрата на Марковски има туристичка агенција


Нови моменти излегуваат на површина во врска со туристичките аранжмани на „Одмори се“. „Независен весник“ продолжи да истражува на темата, па дојдовме до податоците дека жиро-сметката на која двете измамени студентки уплатиле аранжман за патување во Истанбул и добија само билет во еден правец, припаѓа на Друштвото за туризам и услуги ТА „Одмори травел“ ДООЕЛ. Во податоците на Централниот регистар стои дека оваа фирма е основана на 12 мај 2018 година. Основач и управител е Тања Марковска, сестра на Ненад Марковски кој, пак, е основач и управител на Друштво за туризам и услуги „Одмори се травел“ ДООЕЛ, основана во 2011 година. Неговата фирма е со блокирана сметка, но сè уште се води како активен субјект и во Министерството за економија стои дека од 2015 година има лиценца од А-категорија.

Од друга страна, пак, фирмата што ја основала минатата година сестрата на Ненад, Тања Марковска, ниту има лиценца ниту е регистрирана во Министерството за економија.
Двете фирми се ТА „Одмори“ и „Одмори се“ се регистрирани со приоритетна дејност на туристички агенции, а им се поклопуваат и адресите на булеварот „Кочо Рацин“ во Скопје. Веб-страницата odmorise.mk, пак, веќе не покажува активни понуди за туристички аранжмани, но затоа, пак, и двеве фирми умешно ја користеле фејсбук-страницата „OdmoriSe.mk“, преку која и го понудиле аранжманот за Истанбул за викендот за 8 март.


„Независен весник“ објави и сведоштва и на други седум луѓе кои уплатиле патување за Рим за 11 октомври 2018 година, преку Марковски, но ниту се реализирала турата ниту си ги добиле парите назад. Неколкумина пријавувале и во Државниот пазарен инспекторат, но досега нема разрешници.
Сестрата Марковска, пак, има уште една фирма на свое име „Либра консалтинг“ и таа е регистрирана во Централниот регистар како друштво за трговија и услуги.


Во текот на вчерашниот ден, ја побаравме Марковска телефонски, но постојано некој друг одговараше на повиците. Ни беше ветено дека ќе ѝ ги пренесат пораките да нè контактира, но тоа не се случи до затворањето на весникот.
Од друга страна, пак, сопственикот на туристичката агенција „Генералтурист“, Аркан Керим, вели дека сите во нивната фела се запознаени за овие постапки и дека тоа им наштетува и нив во работењето. Вели дека со години бараат да се воведе нова регулатива за работењето на туристичките агенции, за конечно на ваквите појави да им се стави крај.
– До Министерството за економија неколкупати баравме да се воведе регулатива која ќе предвидува банкарска гаранција од 100 илјади евра за туристичките агенции, но досега ништо не е направено. Планираме да поднесеме и иницијатива за посебно министерство за туризам, за да може да се прават повеќе контроли во работењето на агенциите – вели Керим.

Тој вели дека премногу често се случуваат измами, а тоа оди и на штета на сите други агенции што работат чесно.

Во регистарот на Министерството за економија, пак, има уште една туристичка агенција што го содржи името „Одмори се“. Станува збор за „Одмори се травел груп“, која на 7.7.2014 година добила лиценца од Б-категорија. За оваа фирма нема податоци во Централниот регистар за тековната состојба. Потребно е за сите овие фирми надлежните институции да истражат и да преземат конкретни мерки за целосно отстранување на ваквите аномалии во оваа дејност.

Од Стопанска комора за туризам на Македонија (СКТМ) за „Независен весник“ велат дека изминатите години имале пријави од корисници на туристички услуги за одредени туристички агенции од кои патниците не ја добиле претходно договорената понуда и при такви ситуации комората реагирала соодветно.

„Доколку се работи за туристичка агенција која не е членка на Комората, тогаш им посочуваме на барателите (измамени патници) да поведат постапка преку институциите, а тоа е Државниот пазарен инспекторат кој е единствен надзорен орган за вршење контрола врз работењето на туристичките агенции и Организацијата на потрошувачи. Но и покрај тоа што не се членки на Комората, со таквите пропусти што ги имаат при нивното однесување кон патниците и целокупната изведба на туристичките услуги нанесуваат директна штета на угледот и работата на оние туристички агенции што се членки на Комората и кои ги почитуваат сите правила и прописи при исполнување на продадените туристички услуги на потрошувачите“, вели Биљана Пејоска-Ристеска, извршна директорка на СКТМ.

Тие им укажуваат на потрошувачите (патниците) да внимаваат при изборот на туристичката агенција, добро да ја согледаат понудената цена на чинење дали е таа реална за понудената услуга и да внимаваат со кого го потпишуваат договорот. Пејоска-Ристеска додава дека сите потрошувачи може на веб-страницата на СКТМ да проверат кои се нивните членки со контакти и логоа.

Ивана Настеска