И покрај најавите: Театарот во Скупи ќе се конзервира, но нема да се реконструира


Античкиот театар на археолошкиот локалитет Скупи, почнувајќи од идната недела, во траење од два и пол месеца, ќе се конзервира, но нема да се реконструира како што беше предвидено и најавувано со години. Ова беше соопштено на прес-конференција во Скупи, од Елеонора Петрова-Митевска, директорка на Управата за заштита на културното наследство, и од Роберт Алаѓозовски, националниот координатор за култура при Владата. Конзервацијата на театарот, кој е еден од најголемите во овој дел од Европа, ќе ја спроведува Конзерваторскиот центар на градот Скопје, под стручно раководство на Мирка Илоска.

Елеонора Петрова-Митевска, меѓу другото, потсети дека античкиот театар, кој има од осум до десет илјади седишта, повеќепати досега бил истражуван, но и дека планираната реконструкција со последниот проект од 2016 година е запрена лани во септември и е оценета како непотребна.

– Реконструкцијата не одговараше на она што треба да има еден археолошки локалитет, да се задржи археолошката автентичност. Најмногу пречеше реконструкцијата со травертински плочи, затоа што такво нешто во антиката немало – нагласи Петрова.

Таа меѓу другото рече дека со анекс на истиот проект, освен најавената конзервација, се предвидени истражувачки работи на сцената на театарот и гледалиштето, кои веќе се завршени. Голем дел од досега конзервираните ѕидови се напукнати, па сега ќе треба повторно да се прават.

– Проектот, кој е запрен кога ја презедовме власта, продолжува понатаму – рече Алаѓозовски, нагласувајќи дека сега театарот ќе се конзервира како што треба, но и дека нема да има 9.000 седишта од травертинска оплата, како што било предвидено претходно.