Никола Тодоров ќе гласа на 30 септември


Никола Тодоров, поранешен вицепремиер и министер за образование и за здравство во владите на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека ќе гласа на престојниот референдум и дека е против бојкот.
Тодоров, кој учествува на трибина во МНР насловена „Дебатираме за НАТО“ објасни дека ќе гласа затоа што раководството на ВМРО-ДПМНЕ не зазема став околу референдумот туку им остави на поддржувачите да постапат по сопствено убедување.
На трибината во МНР, покрај Тодоров, како учесници се најавени и поранешниот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски.
Тодоров долги години беше министер во кабинетите на Никола Груевски, прво за образование, а потоа за здравство, за во последната година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ да биде именуван и за вицепремиер, заедно со тогашниот шеф на дипломатијата Никола Попоски, а кога премиер беше Емил Димитриев.
Димитриев, исто така, изјави за „Независен весник“ дека неговиот првичен став, во рамки на внатрепартиските консултации, бил дека треба да се учествува на референдумот за името, затоа што ВМРО-ДПМНЕ прва излегла со заложба за референдум во својата програма. Сепак, Димитриев не открива како ќе гласа на референдумот и дали неговиот став за излегување на гласање е дефинитивен, со објаснување дека има време да донесе одлука до 30 септември.