И М-НАВ ќе вработува шест советници


Продолжуваат вработувањата во најбогатото акционерско друштво во државна сопственост. М-НАВ (Контрола на летање) со нов оглас бара шест советници и еден МЕТ-опсервер. Од преголемо брзање да се објави огласот, во него се провлекле грешки.
За едно работно место советник, како што пишува во огласот, се бара „овластен смедководител за смедководствени финансиски прашања во Одделението за финансии и администрација“. Дека на местото на „д“ треба да стои „т“, видел и менаџментот на весникот каде што е објавен огласот.
Во третиот дел од огласот, за пет советнички работни места во секторот за воздухопловна техника, кандидатите, од посебните услови, треба само да имаат завршен факултет (седми степен или најмалку 240 кредити) и најмалку две години работно искуство. И не е важно дали имаат завршено медицина или земјоделство. А, ќе треба да советуваат во специфична област која покрива одржување, сервисирање и мониторинг на уредите и системите што ги користат леталата и обезбедуваат сигурен воздушен сообраќај.
Основната плата на „смедководителот“ ќе биде 56.485 денари, а на 5. советници за воздухопловна техника, по 41.273 денари.
„Има пропусти, видовме и ние“, ни рече вчера директорот на М-НАВ, Николче Тасески. „Превид. Ќе има исправка на огласот. Во делот на советниците за воздухопловна техника, наша цел беше да се подигне нивото на образование во секторот, но испуштено е со кое високо образование треба да бидат кандидатите“, ни изјави Тасески.
На забелешката дека во М-НАВ е интензивирано вработувањето, директорот Тасески вели дека откако тој е директор вработени се само 16 нови лица. И тоа во услови на 20 отсто зголемување на воздушен сообраќај и 9 лица заминати во пензија. (А.С.)