И Керим е МПМ


Поранешниот управител на Медиа Принт Македонија, фирмата во чија сопственост беа весниците „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“, се сретна со дел од новинарите кои работеа во неговите весници, но пред Специјалното јавно обвинителство.

Додека излегуваше од зградата на СЈО, новинари и сниматели го чекаа Керим за да го прашаат зошто е повикан во СЈО и што го прашувала обвинителката Лиле Стефанова. Сепак Керим не сакаше ништо да коментира. „Ќе кажеме се, кога ќе дојде време“, рече Керим.

Откако констатираше дека нема новинари од МПМ, една од новинарките рече, „Јас сум од МПМ“, на што Керим и возврати „И јас од МПМ“. „Бог да го прости“, му возврати новинарката.

Пред него на распит беше поранешната директорка на компанијата Јана Станисављева, која не сакаше да комуницира со медиумите.
Според неофицијални информации од СЈО, за пропаѓањето на МПМ отворена е истражна постапка, а осомничени се токму Керим и Станисављева. Тие се товарат за лажен стечај, злоупотреба на службената положба и злоупотреби на средствата на доверителите.

За овој случај на сослушување биле и поранешни вработени во весниците, подносители на пријавата, а била одземена и документација.
Постапка за овој случај имаше отворено Основното јавно обвинителство по пријава поднесена од Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, но надлежноста за испитување на евентуален економски криминал ја презеде СЈО бидејќи потекнува од прислушуваните разговори.

Oбвинителството ги проверувале финансиските исплати во време кога весниците згаснуваа поради наводна финансиска криза, а сомнежите се проверувале преку одделението за компјутерски криминал во МВР.

Истражители на СЈО минатата година влегоа во просториите на МПМ, чиј сопственик до пред истрагата беше Графички центар Скопје (ГЦС), кој беше во сопственост на Орка Холдинг на Орце Камчев. Медиа Принт Македонија сега е во стечајна постапка.

Инаку во СЈО вчера беше повикан и поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Сокол Митревски. Од СЈО не соопштуваат зошто бил повикан Митревски, но најверојатно и за него се води некоја предистражна постапка. (Ф.Ф.С)