И еден изгледан филм е богатство


Под слоганот „Збогати се преку ноќ“, на 8 ноември во Младинскиот културен центар ќе стартува Меѓународниот фестивал за европски филм „Синедејс“. Како што информираше директорот на МКЦ, Русе Арсов, мотото е инспирирано од тоа што за рок од една година во Скопје се отворени 30 обложувачници, па овие десет филмски дена препорачуваат духовно збогатување.

Неформално отворање на фестивалот годинава ќе се случи во МКЦ, а од 22 часот ќе се прикажува филмот „Среќниот принц“ во режија на Руперт Еверет во киното „Милениум“. Затворањето на „Синедејс“ ќе биде со македонскиот филм „Еј“ во режија на Васил Христов, исто така во киното „Милениум“. А од „Синедејс“ велат дека го очекувале да излезе премиерно повеќе од десетина години.

Ќе бидат прикажани над 100 филма, а кураторот на програмата во официјална селекција и „Сине Балкан“ е Бернд Будер.
„Филмовите повторно доаѓаат без тема, но покажуваат колку е разновидна европската кинематографија, колку е заводлива, имагинативна и прецизна. Од победници на Берлинале, до хитови на регионални фестивали одново и одново се преминуваат граници, во артистичка и буквална смисла“, запишува Будер за селектираните филмови.

Годинава има десет програми и тоа гала, официјална, Сине Балкан, музички документарци, МК во ЕУ, ретроспектива на Милош Форман, МК кратки филмови, студентска и детска програма и Сине мјузик. Во текот на целиот фестивал ќе се прикажат над 100 филмови, а има и богата придружна програма од работилници и музичка селекција од концерти.

Во рамките на гала-програмата ќе бидат прикажани последните филмови на Ларс вон Трир, Гус Ван Сант, Тери гилиам, Спајк Ли, Вес Андерсон, Паоло Сорентино, Жан Лук Годар, Хавиер Долан, Павел Павликовски итн. Ќе биде прикажан и „Суспирија“ во режија на Лука Гуадаџнино, филм кој особено се прославува со тоа што музиката ја изработи фронтменот на „Рејдиохед“, Том Јорк.

Од фестивалот велат дека особено се горди што успеале да го донесат и последното филмско остварување на Јоргос Лантимос, филмот „Фаворитка“ чија премиера се случи на годишното издание на Венецискиот фестивал. Прикажувањето на овој филм на „Синедејс“ се реалзиира пред воопшто да биде пуштен во кинодистрибуција закажана за 2019 година. Жири-комисијата во „Официјалната селекција“ ја сочинуваат Верица Недеска – актерка, Бригита Матнеј, финансиски консултант од германскиот фонд „Брандербург Медиенбоард“ и професорката по филм и теоретичарка Александра Накиелски. За селекцијата „Сине Балкан“, пак, во жири-комисија се Инти Шрај, актерка од Словенија, Серван Гунеј, турски филмски продуцент и режисерот добитник на награда во Кан и Изер Алиу, наградуван норвешки режисер по потекло од Македонија.

Во селекцијата на музички документарци ќе се прикажат филмови за Милан Младеновиќ од ЕКВ, за Морисеј од „Д смитс“, за актуелната раперка М.И.А., за словенечкиот бенд „Лајбах“, за соул-пејачката Бети Дејвис, како и филм за легендарната песна „You’ll never walk alone“ на навивачката група на фудбалскиот клуб Ливерпул. Во оваа програма ќе се прикажат и филмови за американската хардкор-музичка сцена и за подземната рејв-сцена во контроверзното затворено иранско општество.

Музичката програма се состои од девет концерти меѓу кои и трибјут-бендот на ЕКВ, „Деца из воде“, со кој специјално ќе настапи познатиот српски актер Срѓан Тодовориќ, кој своевремено беше тапанар на ЕКВ. Понатаму концерти ќе имаат „Mauskovic dance band“ од Холандија, Нога Ерез од Израел, „YOU“ и Anna O. од Македонија), африканската џез бит група „Idris Ackamoor & The Pyramids“, „TAU“ од Германија), Гејб Гарсни од Велика Британија, Женскиот младински хор на МКЦ и американската „вештерка“ Лидија Ланч. Свој диџеј-сет ќе има „БИГор“ од Словенија.
Деталната програма и распоредот на проекциите и концертите може да се видат онлајн на cinedays.mk. Фестивалот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на РМ, Градот Скопје и Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Ивана Настеска