И деца болни од рак заразени од морбили


Се нижат нови случаи на заболени од морбили. Во четвртокот, односно како што велат лекарите, за едно деноноќие, биле регистрирани граѓани кои заболеле од морбили, двајца се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести.

Заболеле од морбили и три деца болни од рак од хемато-онколошкиот оддел на Клиниката за детски болести. Едно од децата е нов случај, вели директорката Катерина  Ставриќ, а кај другите две, морбилите биле докажани претходно, сега се добро, едното е со завршена болест, а другото е пуштено на домашно лекување.

„Тоа се деца од хемато-онколошкиот оддел кои во тек на примање на терапија се заболени со морбили. Со почетокот на епидемијата еден оддел комплетно  го одвоивме за деца кои не се вакцинирани. Секое дете на хемато-онколошките одделенија кое прима цитостатска терапија е само во соба“, рече Ставриќ.

Од почетокот на епидемијата, од пред три недели досега осум  вработени од Клиниката за детски болести заболеле од морбили. Станува збор за доктори и персонал кој работи во амбулантата. Сите биле вакцинирани.

Лекарите велат дека вакцината дава долгорочна заштита, меѓутоа, во услови на епидемија  и тие што се редовно вакцинирани со две дози се изложени на ризик да заболат од морбили.

Во моментов, на Клиниката за инфективни болести има вкупно 20 пациенти со потешка клиничка слика предизвикана од ова заболување. Засега, има само едно дете кое беше со   полоша клиничка слика, но според најновите информации, од вчера утрото неговата состојба е стабилизирана. Директорката на Клиниката, Милена Стефановиќ, рече дека се работи за тешка и непредвидлива болест и апелираше на вакцинација на населението.

„Штом се хоспитализирани,  клиничката слика е потешка. Главно се пациенти кои имаат развиено долнореспираторни инфекции, односно воспаление на белите дробови или цревни тешкотии и тоа е сè во рамки на морбилите. Во најголем дел болеста завршува  со комплетно излекување, но постојат и несакани компликации“, истакна Стефановиќ.

Доктор Ставриќ додаде дека постигнувањето на 95 отсто опфат со вакцинација ќе го заштити населението од заболувања.

„Заштитени ќе бидат и тие што се вакцинирани и тие што имаат примено една вакцина,  и оние што имаат слаб имунитет, и новородените што не се дојдени до возраст да бидат вакцинирани. Затоа инсистираме на висок опфат на вакцинација“, подвлече Ставриќ.

Од Министерството за здравство подвлекуваат дека преземаат дополнителни мерки да се спречи ширењето на болеста. Од почетокот на епидемијата на морбили во Скопје досега се вакцинирани 4.200 граѓани.  Уште трае забраната за посета на градинките од страна на деца што не ја примиле вакцината МРП.

Од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, пак, подвлекуваат дека вакцините „приорикс“, познати како МРП, кои беа повлечени од здравствените домови, треба да се уништат.  Станува збор за  624 кутии на вакцини  од производителот „Глаксо Смит Клајн“ од Белгија на кои беа аплицирани погрешни декларации, но рокот на самата вакцина и на внатрешното пакување тврдат дека е со важечки рок на траење и дека тие се безбедни.

„Со повлекување на вакцината од здравствените домови, повикувајќи се на Законот за лекови и медицински средства, оваа вакцина се смета за лек што не е за употреба. Затоа МАЛМЕД  донесе решение да се уништат количините од оваа вакцина“, соопштија од Агенцијата.

Од Агенцијата за „Независен“ рекоа дека сè уште дефинитивно не е одлучено колкава казна ќе следува за „Македонија лек“ за направениот пропуст, меѓутоа укажаа дека се разгледува можноста таа да изнесува 50.000 евра.

Вероника Мароска-Леова