ИФФК „Браќа Манаки“ завршува со награди за најдобрите кинематографери


Со доделување на наградите „Камера 300“, во Битола вечер ќе биде затворен 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој од минатата сабота се одржуваше под мотото „Симнуваме капа“ и на публиката и понуди 95 филмови во 14 програми.

Во конкуренција за трите награди „Камера 300“ (златна, сребрена и бронзена) за најдобар кинематографер се натпреваруваа 12 филма: „Транзит“ (Германија); „Студена војна“ (Полска); „Зимски муви“ (Чешка); „Лето“ (Русија); „Ага“ (Бугарија); „Горење“ (Јужна Кореја); „Фокстрот“ (Израел); „Нико“ (Италија); „Пепелта е најчисто бело“ (Кина); „Недвижен имот“ (Шведска), „Девојка“ (Белгија) и хитот во САД, „Црниот кју-клукс-клановец“ на Спајк Ли.

Ѕвезди на годинашниот фестивал беа британскиот кинематогафер и оскаровец Роџер Дикинс и италијанската филмска дива со светска кариера Клаудија Кардинале кои на отворањето ги примија наградите „Златна камера 300“ за животно дело, односно за придонес во светската кинематографија. Актерката Милица Стојанова, пак, годинава ја доби наградата „Голема ѕвезда“ од Друштвото на филмските професионалци на Македонија.

Фестивалот ќе заврши со премиера на краткиот научно-фантастичен филм „Извидник“ на младиот режисер со македонско потекло Алекс Цветков кој живее и работи во Словенија. Тема на филмот е опседнатоста со технологијата на новото време, зависноста од социјалните мрежи и како тие се одразуваат врз животите на луѓето.

Цветков е син на популарниот каскадер од Македонија, Рок Цветков, кој работеше на холивудски филмови како „Шиндлерова листа“, „Патриот“, „Ничија земја“. Младиот Цветков студира режија во Лос Анџелес, а овој дебитантски филм е негова дипломска работа.