Италија: 25 евра месечно за секој што ќе доаѓа со велосипед на работа


Кај нас веќе неколку години градските власти ги стимулираат граѓаните да возат велосипед преку субвенции до 3.000 денари за купување велосипед. Меѓутоа, италијанскиот град Бари, покрај субвенции за купување велосипед, реши дополнително да ги стимулира граѓаните со парични средства за секој изминат километар, но не повеќе од 25 евра месечно.

Имено, градското собрание во италијанскиот град Бари ќе им плаќа по 25 евра месечно на оние граѓани што ќе доаѓаат на работа со велосипеди и дополнително ќе обезбеди субвенции за граѓаните да си купат велосипеди.

„Ако возите велосипед, нема да заработите само здравје“, рече Антонио де Каро, градоначалникот на Бари, при потпишување на резолуција усвоена од градското собрание, објавија италијанските медиуми.

Бари е првиот италијански град кој го воведе овој пилот-проект, кој ќе трае четири месеци, а за негово спроведување од буџетот на градот се издвоени доделени 545 илјади евра. Целта не е само да се намали метежот во сообраќајот, туку пред сè да се води грижа за животната средина. Како резултат на овој проект, бројот на велосипедисти се планира двојно да се зголеми.

Планирано е да се плаќа за секој изминат километар со велосипед, но не повеќе од 25 евра месечно. Покрај тоа, со цел да се поттикне употребата на велосипеди, властите во Бари се подготвени финансиски да ги поддржат оние што сакаат да купат нов велосипед.

Попуст од 150 евра ќе им се даде на оние што сакаат да купат нов велосипед, попуст од 250 евра е достапен за купување електричен велосипед и 100 евра за купување половен велосипед.