Италијанците излегоа на избори со гнев: Во подем десничарите, популистите и Берлускони


Италијанците вчера гласаа на избори кои би можеле да доведат до политички метеж по кампањата одбележана со гнев поради слабата економија, високата стапка на невработеност и имиграција. Анкетите предвидуваа дека поранешниот премиер Силвио Берлускони и неговите екстремно десничарски сојузници ќе се појават како најголем блок во парламентот, но ќе немаат мнозинство.

Движењето „Пет ѕвезди“ се чини дека е најголемата партија, која се потхранува од незадоволството поради вкоренетата корупција и порастот на сиромаштијата, додека владејачката централно левичарска Демократска партија (ПД) се смета дека ќе си замине дома со освоено трето место.
„Италија е, повеќе од кое било друго место во светот во моментов, дури и повеќе од Брегзит, повеќе и од Трамп револуцијата во САД, најсовремено движење за суверенитет од луѓе кои рекоа: Ние се обидовме да играме според правилата, гласавме за централно левичарски и централно десничарски влади, и ништо од тоа не функционираше“, изјави Стив Банон, поранешен главен стратег на Белата куќа.

„Сега луѓето разгледуваат друга алтернатива. Она што го сакаат е враќање на моќта на народот преку популистички револт“, смета Стив Банон, кој е во Италија само за да го набљудува исходот на тесните избори, кои тој ги нарече најважното нешто што се случува во политичкиот свет во моментов.

Длабоко задолжената Италија е трета по големина економија во 19-члената еврозона и, иако инвеститорите беа оптимисти пред гласањето, пролонгираниот политички ќор-сокак би можел да ја реактивира заканата од нестабилност на пазарот.

Избирачките места ќе се затворат во 11 часот навечер, а анкетите за излезеноста би требало да се знаат веднаш. Сепак, гласањето се одржува под нов сложен изборен закон, што значи дека конечниот резултат може да не е јасен до доцна денеска.
Кампањата го означи враќањето на Берлускони на политичката сцена. Овој 81-годишен политичар беше принуден да се повлече од премиерската функција во 2011 година, во екот на кризата со државниот долг, а целосно беше отпишан од политиката по сексуалните скандали, правните проблеми и лошото здравје.
Пресудата за даночна измама од 2013 година значеше дека тој не може да има јавна функција и поради тоа го предложи Антонио Таџани, претседателот на Европскиот парламент, за свој кандидат за премиер.

Умерениот профил на Таџани има за цел да ги ублажи стравувањата во Европа во врска со неговите популистички сојузници, особено со Лигата, чиј лидер Матео Салвини вети дека ќе депортира 600.000 имигранти кои пристигнале во Италија со чамци во текот на изминативе четири години.
Некои анкети покажуваат дека Лигата може да ја надмине партијата Форца Италија на Берлускони на изборите.

Популистичките партии се во пораст низ Европа од почетокот финансиската криза во 2008 година. Главните партии во Италија сметаат дека е особено тешко да се спречи гневот на гласачите додека економијата на земјата сѐ уште е околу шест отсто помала од пред една деценија, а невработеноста е заглавена на околу 11 отсто.
Движењето „Пет ѕвезди“, предводено од 31-годишниот Луиџи Ди Мајо, е особено успешно во слушањето на незадоволството во недоволно развиениот југ, при што вети месечна универзална плата од 780 евра за сиромашните.

„Јас сум со Ди Мајо до крај“, изјави Енрико Урсини, рибар во Помиљано Д’Арко во близина на Неапол. „Тие се новата генерација. Ако победат, ќе му испратиме на Луиџи голема кутија со морска храна како подарок“.

Берлускони нападнат од разголена активистка на ФЕМЕН

Разголена активистка на движењето ФЕМЕН направи инцидент пред Силвио Берлускони во моментот кога сакаше да гласа на парламентарните избори во Италија. Таа скокна на масата токму кога Берлускони требаше да го уфрли своето ливче во кутијата, испраќајќи му порака „Твоето време истече“, која беше напишана на нејзините гради. Берлускони само се насмеа на целата ситуација, а додека си заминуваше од гласачкото место активистката продолжи да извикува „Твоето време истече“.

Ова не е првпат 81-годишниот поранешен премиер да се соочува со разголени активистки од украинската феминистичка група. Тие го нападнаа на ист начин и во 2013 година.

Основано во 2008 година во Украина, движењето ФЕМЕН се прослави со акциите на свои топлес-активистки, кои најчесто протестираат против јавни и верски институции.