Италијанците денеска гласаат за нов премиер


Во Италија денеска се одржуваат парламентарни избори, кои би можеле да ги вратат познатите политички имиња, како Силвио Берлускони или Матео Ренци или пак да донесат нова неизвесност.

Берлускони (81) се врати во политиката и ја предводи својата партија на десниот центар Напред Италија. Тој е во коалиција со лидерот на десничарската и евроскептична Лига за Северот на Матео Салвини (44). Но, Берлускони, кој досега беше четирипати премиер, не може да извршува јавна функција до 2019 година поради пресуда за затајување на данок.

На политичката сцена се врати и лидерот на Демократската партија, 43-годишниот Ренци, а силен предизвик за двете партии е лидерот на Движењето Пет ѕвезди, Луиџи ди Мајо (31), кој ако освои доволен број гласови би можел да стане најмлад европски премиер.

Главни теми во изборната кампања беа миграцијата, и улогата на Италија во Европа и пазарот на труд.

Според аналитичарите непредвидлив е исходот од изборите поради постоечкото назадоволство на граѓаните, новиот изборен систем и големиот број неодлучни гласачи. Изборите се одржуваат по нов изборен систем, кој е комбинација на пропорционалниот систем и еднокружно гласање така наречено ФПТП систем, според кој кандидатот што ќе освои најголем број гласови победува на изборите. Таквиот систем нема да и овозможи на партијата или коалицијата што освоила најголем број гласови да добие дополнителен број места во Парламентот.

На победникот ќе им бидат потребни околуи 40 отсто од гласовите да формира влада или помал процент доколку освои поголем број места според ФПТП системот на гласање.

Според тоа можни се повеќе сценарија – победа на Напред Италија и Северната лига, кои според предвидувањата би освоиле од 35 до 38 гласови.

Една од можностоте е и формирање на голема коалиција помеѓу Напред Италиија и Демократската партија, за што веќе разговарале Берлускони и Ренци.

Според анкетите ниту една од тие две партии нема да освојат доволен број гласови сами да формираат влада.

На изборите се гласа за 630 членови на Долниот дом на Парламентот и за 315 во Сенатот.