Италијанската РАИ емитуваше пренос од фудбал без коментатор


Италијанската државна телевизија РАИ го емитуваше преносот од последниот натпревар од четвртфиналето на фудбалскиот куп меѓу Јувентус и Торино (2-0) без коментатор поради протест што првпат во историјата нема да ги пренесува мечевите од престојното Светско фудбалско првенство во Русија. Правата за пренос на сите 64 натпревари ги откупи приватната Медиасет, сопственост на Силвио Берлускони, плаќајќи 93 милиони долари. Освен тоа, РАИ нема право да ги пренесува ниту натпреварите од домашното фудбалско првенство.

„Сметаме дека е неприфатливо што спортот стана привилегија на оние што можат да платат претплата на кабловските оператори. Сакаме спорт за секого и секаде“, порачаа новинарите.

Раководството на РАИ соопшти дека годишно трошат по 200 милиони евра за спортски натпревари. Годинава, првпат по пауза од 60 години, Италија нема да учествува на СП во Русија откако беше елиминирана од Шведска.