Исчезна роднина на Оливер Ивановиќ, можно е да е убиен


Таксист од Северна Митровица, кој пред три дена исчезна и за кого постојат сомнежи дека е убиен, е роднина на Оливер Ивановиќ, кој беше советник во собранието на општина Северна Митровица и водач на иницијативата „Слобода, демократија, правда“, убиен пред повеќе од една година.
Од партијата на Ивановиќ потврдуваат дека таксистот му е роднина на убиениот Ивановиќ, дека тој постојано доаѓал во партиското седиште на средби со Ивановиќ.
Повикувајќи се на свои извори „Косова прес“ пишува дека во такси-возилото пронајдени се траги од крв.
Заменик-директорот на косовската полиција за северот, Бесим Хоти, потврди дека возилото е пронајдено, дека полицијата веднаш излегла на лице место и дека е отворена истрага за случајот.
Хоти потврди дека во возилото се пронајдени траги кои може да укажуваат на сторено кривично дело, не прецизирајќи за какви траги станува збор.
Претходно, и исчезнувањето на еден новинар од Србија, кој истражувал за убиството на Ивановиќ, Стефан Цветковиќ од Бела Црква, се поврзуваше со неговата смрт.