Истрага за сексуално вознемирување: Метрополитен ја суспендира соработката со диригентот Џејмс Левин


Њујорк, САД – Њујоршката опера Метрополитен вчера објави дека ја суспендира долгогодишната соработка со диригентот Џејмс Левин поради тековната истрага за наводно повеќекратно сексуално злоупотребување.
„Господин Левин повеќе нема да биде инволвиран во активностите на Метрополитен, вклучувајќи и диригирање на закажаните перформанси оваа сезона“, изјавија од Метрополитен.
Одлуката да се суспендира Левин дојде еден ден откако „Њујорк пост“ објави сторија од еден од злоупотребуваните од страна на Левин, со кој наводно тој имал сексуален контакт кога тој бил тинејџер. Потоа, во неделата, „Њујорк тајмс“ објави слични обвинувања од двајца други мажи кои го обвинија Левин за сексуално малтретирање.
Претставниците на Метрополитен пред тоа изјавија дека Левин ги отфрла обвинувањата.
Викендов Левин го диригираше „Реквием“ на Верди, кој беше емитуван на радиостаниците низ светот. Тоа се очекува да биде последниот настап за Метрополитен барем до крајот на годината, а можно е и засекогаш. Левин требаше да ја диригира и новогодишната гала-изведба на „Тоска“.
Левин беше музички диригент во Метрополитен во периодот помеѓу 1976 и 2016 година, кога го презеде местото на почесен музички директор. Во последните неколку години се бори со здравствени проблеми како Паркинсова болест.