Испрани девизи за домашните партии
Македонските партии во најголем број се определуваат за влез на нашата држава во НАТО и во ЕУ како стратешка цел, иако прашање е дали сите од нив вистински работат кон остварување на тие цели. Исклучок се помалите десничарски партии, предводени од Националното демократски движење на Македонија на Јанко Бачев, кое неодамна го промени името во Единствена Македонија. Делувањето на оваа партија во иднина, како што изјави претседателот Јанко Бачев, ќе биде насочено кон градење поблиски односи со Русија, како и кон членство на Македонија во Евроазиската унија.
„Се залагаме за радикален пресврт во македонската политика со повлекувањето на актите за прием на Македонија во НАТО и ЕУ и барање за членство на Македонија во Евроазиската економска унија и стратешко партнерство со Русија“, потенцира неодамна Бачев. Ваквото политичко свртување од партија која се продаваше претходно како македонско патриотска, дојде како изненадување, бидејќи сите јавни анкети покажуваат дека граѓаните одбраа друг, европски а не азијски курс. И други партии како да помагаат туѓи агенди, што ја отвори дилемата што стои како мотив, дотолку повеќе што финансирањето на политичките партии е црна точка на македонското демократско живеење.
Безбедносните експерти што ги консултиравме велат дека ако е тешко да се следи трагот на парите во домашни услови, барем трипати потешко е да се откријат средствата што странските држави ги праќаат во Македонија за пропаганда и остварување на своите политики. Според член 20 од Законот за финансирање на политичките партии, „политичките партии не можат да се финансираат од влади, меѓународни институции, органи и организации на странски држави и други странски лица“.
„Сепак, јавна тајна е дека постојат политички субјекти што одработуваат за туѓи интереси, но има две причини поради кои јавно не се излегува со тие работи: првата е тоа што тешко можат да се пронајдат вистински докази, а втората, можеби и поважна е што не сакаме да се замеруваме со странски земји, па реакциите се на пониско ниво“, објаснуваат безбедносните експерти.
Тие посочуваат дека постојат воиграни методи на финансирање на партиите со пари од странство.
„Вообичаено, отвораат невладини организации и им ‘даваат’ проекти на подржувачите со што легално ги финансираат. Или финансираат поединци или одредени влијателни поединци со тоа што ги вработуваат во приватни фирми со доминантен капитал од нивните земји. Или преку нивните фирми склучуваат договори за консултантски услуги, што на крајот, секако, се плаќаат. Или одредени домашни фирми склопуваат големи зделки со фирми од земјите од каде што се врши пропагандата и од каде што доаѓа влијанието. Или, преку странски фирми што работат тука се финансираат овдешни медиуми. Ова се ситуации преку кои оди легална исплата, а ‘црните’ пари што се даваат на рака никој не може да ги контролира“, откриваат нашите извори.
Тие тврдат дека, меѓудругото, дел од приведените за настаните во парламентот од 27 април лани биле фиктивно вработени во една реномирана странска фирма.
На почетокот од годината, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави отворање претставништво на неговата Партија на правдата и на развојот (АКП) и во нашата земја, вбројувајќи ја меѓу најважните места во светот. Според познавачите, целта е да се придобијат гласачите во Македонија, оти изборната трка во Турција во 2019 година ќе биде неизвесна, да се спречи влијанието на „ѓуленистите“ во регионот, како и да се засили влијанието на Ердоган и на турската политика на Балканот.
Македонија во овој аспект не се издвојува од регионот. Филијала на АКП е најавена и за Босна и Херцеговина, каде што меѓу муслиманскиот дел, Ердоган и Турција уживаат голема популарност. За разлика од БиХ, рускиот претседател Владимир Путин е недопирлив кога е во прашање довербата на мнозинството Срби, па не чуди што десетици српски партии, кои воглавно немаат големо влијание, бараат сојуз со Москва, а не со Брисел и со Вашингтон. Политичкиот аналитичар Ѓорѓе Вукадиновиќ вели дека еден од парадоксите на српското секојдневие е што проруското расположение во Србија е многу големо, но оти рејтингот на проруските партии е многу мал или никаков.
„Има повеќе причини за тоа. Една е што проруски партии има десетина и постојано се размножуваат, а меѓу себе се длабоко разединети. Другата причина за нивната слабост е што воглавно се маргинализирани од медиумите во Србија, кои се прозападни евроатлантски ориентирани“, вели Вукадиновиќ.
Резерви и во НАТО за Македонија
Додека јавноста го чекаше преносот од Брисел каде челниците на Европската унија ја објавија стратегијата за Балканот, незабележано помина веста дека пет земји-членки на ЕУ се противеле на влегувањето на Македонија во НАТО, дури и во случај да биде решен спорот со името. Под превезот на „внатрешната политичка стабилност“, Германија, Франција, Италија, Шпанија и Холандија, наводно, искажуваат резервираност во однос на нашето евроинтегрирање. Дел од политичките аналитичари предупредуваат дека овие земји или се внимателни или негуваат пријателски врски со Русија, која активно се обидува да го спречи влегување на Македонија во НАТО и во ЕУ. Без оглед дали и колку ваквите оценки имаат реална основа, факт е дека странските сили ги острат своите „рогови“ и преку нашата земја, која поради „големината“, како и поради немањето лидерство, не успева самата да се избори за независно одлучување. (Н.В.)