Ирена Спировска вљубена во планините: Го искачив највисокиот македонски врв


ТВ-водителката Ирена Спировска за време на празниците го искачи највисокиот македонски врв – Титов Врв на Шар Планина.

„Тоа е најдолгата зимска рута. За еден ден, со пријателите, поминавме 24 км, 11 часа пешачевме, освоивме шест врва – Церипашина, Антени, Карабунар, Казањ, Бакардан, Титов Врв и назад. Повторно качување и симнување на истите“, вели Ирена, која 26 години е во етерот и последните 11 години уредник на Забавната редакција на ТВ „Алфа“.

Малкумина знаат дека е голем вљубеник во природата, особено во планините.

„Оваа убава приказна започна уште кога бев во основно училиште и кога на иницијатива на татко ми се зачленив во извидничко друштво. Секој викенд се качувавме на Водно, се дружевме, учевме да поставуваме шатори, да врзуваме јажиња, да палиме оган… и уште тогаш планината ми влезе под кожа. Како што минуваа годините, таа љубов и свесноста за убавината и за благодатите што несебично ги нудат природата и планината сѐ повеќе растеа. Почнав сѐ почесто да одам на Водно, користејќи ја секоја можност да побегнам од градските метеж и врева на чист воздух и во спокојот на природата. Планината има чудесна моќ да релаксира и да регенерира. Ретки се градовите што имаат своја планина. За само 15-20 минути од кој било крај на градов можете да стигнете на подножјето на Водно и зависно од физичката подготвеност и од времето што го имате на располагање, да ја одберете вашата патека, да уживате, да се рекреирате, да ги наполните белите дробови со чист воздух, а очите со убавина. Водно е прекрасно во секој период од годината, а особено сега, во пролет, кога со секое следно одење се забележува како сѐ повеќе и поинтензивно се буди природата”, вели ТВ-водителката.

Најголемата височина на која се искачила досега била 2.864 метри, на Триглав, Словенија.

„За искусните планинари, ова не е којзнае каква височина, но за мене како рекреативец ова досега беше највисоката точка на која досега сум била и едно од најубавите доживувања во животот. Искачувањето се одвиваше во два дена. Првиот ден се оди до планинарскиот дом ‘Кредарица’, каде што се преспива, а утредента, рано уште пред изгрејсонце, се продолжува кон врвот. Кога ќе се искачите на самиот врв, има многу интересен ритуал на Алјажев Столб, каде што секој добива признание дека го искачил Триглав. Веднаш потоа започнува симнувањето надолу за да може да се вратите назад пред да заврши денот”, раскажува Спировска.

Одамна сакала да проба да лета и со параглајдер и лани ја имала можноста да го искуси и тоа доживување.

„На мое големо задоволство, и ќерка ми го прифати овој предизвик, па летавме заедно, секако, со тандем-параглајдери. Летавме заедно со најискусните параглајдеристи кај нас – Виктор Боев и Душко Милошески, кои имаат огромно искуство и покрај кои секој би се чувствувал сигурно. Иако требаше да летаме над Скопска Црна Гора, сепак, поради неповолните услови, се смени планот и мораше да се качиме на Водно и оттаму да полетаме. Долго време чекавме на поволни момент и ветар, дури почна полека и да се стемнува. Но бевме упорни и, сепак, го дочекавме ветрот што ни беше потребен за полетување и доцна попладнето полетавме. Беше прекрасно да се доживее Водно од една таква перспектива и да се види од небо како полека приквечерината го покрива градот. Следната желба ми е да летам од Галичица над Охридското Езеро, и се надевам дека наскоро ќе ми се исполни”, ја заврши Ирена својата приказна.

Лејла Сабит