Ин мемориам: Бруно Ганц велеше дека никој не сака да го награди за улогата на Хитлер


Швајцарскиот актер Бруно Ганц, еден од најпознатите европски актери на сите времиња, почина во саботата на 77-годишна возраст во Цирих. Тој подолго време се бореше против канцерот.
Ганц беше меѓу најистакнатите актери од германското говорно подрачје, со долга и разновидна листа на улоги. Меѓународната репутација ја стекна глумејќи го Адолф Хитлер во „Падот“ (Хитлер, последни денови), но и со главната улога во „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс.

Во 2015 година беше добитник на специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност. На тогашната прес-конференција во Битола Ганц зборуваше за својата кариера, иако најмногу прашања добиваше за „Небото над Берлин“ и улогата на Хитлер.
– Кога почнавме да снимаме со Вендерс многу дијалози не беа целосни во сценариото. Што е ангел, како изгледа, како зборува, како комуницира со другите ангели. Претходно немаше филмови за ангели и немавме друга претстава освен преку религиозните мотиви и книги. Снимавме по 12 часа, а потоа во вечерните часови продолжувавме со состаноци. Воопшто немавме приватен живот – изјави тогаш Ганц за „Небото над Берлин“.

                                             (На широк сокак во Битола во 2015 година, кога беше награден со „Златна камера 300“

                                         Тогашниот директор на фестивалот Димитар Николов – Таки со сопругата, Бруно Ганц и режисерот Митко Панов)

 

Во врска со филмот „Падот“, Ганц тогаш откри дека никој не сакал да го награди за улогата на Хитлер. Една од тие сцени е и најпреработувана на сите можни јазици, модификувана и со различни тематики.

– За мене најважниот дел е самата работа, снимањето. Дури и ако и се допаѓа филмот на публиката, а мене не ми се допаѓа продолжувам со напорите да станам подобар. Тоа е работата на актерите. Никој не сака да награди некого што го играл Хитлер. Директорот на Берлинскиот фестивал ми рече: „Ти треба да бидеш награден, но никогаш нема да наградиме некој што го играл Хитлер“. Но јас сметам дека добро ја завршив работата со таа улога, задоволен бев и како сам да се наградив – додаде тој.
Една година пред да дојде да ја подигне наградата во Битола, тој на локации во Македонија го снимаше филмот „Сведок“ во режија на Митко Панов. Тоа е швајцарско-македонска копродукција, а улога има и актерката Наташа Петровиќ. Филмот е завршен и наскоро ќе се прикаже во Кинотеката на Македонија.
– Навистина си поминав убаво за време на снимањето и имав можност да се запознаам со земјата, да ги простудирам земјата и луѓето. Главната причина заради која ми се допадна филмот е политичка. Бев импресиониран од сценариото – прокоментира тогаш Ганц.
Ганц во својата кариера има снимено над 100 филма, но тој е познат и по љубовта кон театарот.