Интер без публика во следните два меча поради вчерашните инциденти


Поради расистичките скандирања на фановите на Интер, екипата доби казна да игра пред празни трибини во следните два меча дома – против Сасуоло и Болоња. „Курва Норд“,каде редовно се сместуваат најжестоките навивачи на тимот, ќе остане затворена за уште еден дополнителен натпревар.

Ова е одлука на Дисциплинската комисија на Италијанската фудбалска федерација во врска со она што се случи во текот на дербито со Наполи вчера. Тогаш навивачите на домашниот тим го навредуваа Калиду Кулибали на расна основа, поради кое гостите инсистираа да се прекине натпреварот.

Самиот дефанзивец на тимот од Неапол беше нервозен и доби втор жолт картон за провокација кон судијата, со што си заработи суспензија на две средби. Исто така, за два натпревари е казнет и неговиот тимски колега, Лоренцо Инсиние, кој беше протеран во додаденото време за реплика кон арбитерот.

Меѓутоа, не е исклучено казната на Интер да се зголеми. Полицијата од Милано бара на навивачите на тимот да им биде забрането да присуствуваат на стадионите ширум Италија до крајот на шампионатот.

Одделно, се подготвува и санкција поради инцидентите пред стадионот, каде четворица беа прободени со нож, а друг навивач почина откако беше прегазен од минибус.